Ковид пропусниците ги натераа Французите да одат во белгиски ресторани

На повеќето сопственици на ресторани во Франција, каде во локалите се бара задолжителна пропусница за Ковид-19 за нивните клиенти, ваквата мерка им создава главоболка. Но, за угостителите што работат во пограничните региони, тоа може да претставува закана за нивниот бизнис, пренесува „Данас“.

Во градот Сен Жан Капел, во близина на границата со Белгија, сопственичката на ресторанот „Бенедкит Дијк“ е загрижена бидејќи нејзините клиенти буквално треба само да ја преминат улицата за да најдат белгиски ресторан каде што нема да бидат предмет на новите правила на француската влада.

Откако во понеделникот пропусницата за Ковид-19 стана задолжителна, нејзиниот ресторан „Шале ди Мон Ноар“ се уште нема резервации за претстојниот викенд.

„Минатиот викенд мојата книга за резервации беше полна. Ресторанот беше полн и во сабота и во недела. Над 300 луѓе беа гости, а морав да одбијам речиси 200 од нив. За овој викенд не добивам никакви повици освен од новинари“, рече Дијк.

Само стотина метри подалеку, еден белгиски конкурент веќе привлече нови француски клиенти, благодарение на новите мерки.

„Во последниве денови, многу повеќе луѓе дојдоа кај нас отколку порано, и многу клиенти не прашуваа дали пропусниците за Ковид-19 се задолжителни и во Белгија“, вели Дидије Делвал, менаџер на ресторанот „Лорлож инверс“ во белгискиот град Хеувеланд.

„На едната маса имавме луѓе од иста компанија кои заедно дошле на ручек. Во групата беа петмина, едниот не беше вакциниран и затоа не можеше да вечера во француски ресторан“, објаснува тој.

Како што изјави Делвал, проблемот е што неговиот ресторан нема доволно персонал за да се справи со зголемениот прилив на француски клиенти.

„Веќе сме преполни и се обидуваме да ангажираме нови работници“, додаде менаџерот.

Здравствената пропусница која докажува дека нејзиниот сопственик примил вакцина против коронавирусот, има негативен резултат од тест во последните 72 часа или дека се опоравил од Ковид-19 во претходните шест месеци во Франција е воведена на 21 јули.