Половина од лицата над 65 години примиле барем една доза вакцина против Ковид-19

Половина од лицата над 70 години, односно 52% од населението досега имаат примено барем една доза вакцина против Ковид-19, а исто така најмалку една доза вакцина примиле 49% од населението над 65 години, информираат од Министерството за здравство (МЗ).

На вакциналните пунктови во државата, тие соопштуваат дека заклучно со вчера се вакцинирани 310.384 граѓани, односно, во државата се аплицирани вкупно 529.445 дози вакцини, додека ревакцинирани се 219.061 граѓанин.

„Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп“, стои во соопштението на МЗ.

Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика вчера на трибината „Вакцинација и предизвици со Ковид-19“ истакна дека сите вакцини кои се одобрени од Светската здравствена организација и другите авторитети, штитат од тежок тек на болеста, и додаде дека тие се основните податоци што мора да се имаат на ум кога се размислува за тоа дали некој ќе се вакцинира или не.

„Вестите и приказните за несаканите ефекти од разните видови на вакцини одеа циклично. Која вакцина ќе станеше достапна и популарна веднаш беше поврзувана со некои страшни приказни, многу од нив комплетно неосновани. Тие приказни се појавувале и ќе се појавуваат, не очекувам да застанат, но на овие милиони па и веќе милијадри покриени жители со вакцини, кога ќе ги сумираме бројките веќе гледаме дека станува збор за исклучително ретки случаи“, рече Петличковски.

Од МЗ апелираат до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk, бидејќи, како што велат, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат против коронавирусот.