КЗБ: Почнува вакцинација со четврта доза против Ковид-19 

Од денеска започнува вакцинација со четврта доза против коронавирусот, соопшти Комисијата за заразни болести (КЗБ). Четврта доза може да примат лица над 18 години, кои примиле три дози вакцина против Ковид-19.

Граѓаните од денес можат да се обратат во вакциналните пунктови, а за четврта доза вакцина не е потребно закажување.

„Вакцинацијата со четврта доза е предвидено да се спроведува со мРНА вакцина на Фајзер или Модерна. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци“, посочуваат од КЗБ.

„Вакцинацијата со четврта доза посебно се препорачува кај хронично болни, пациенти на дијализа, трансплантирани, онколошки пациенти, имунокомпромитирани и пациенти кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација и кај лица над 60 години“, појаснуваат од комисијата.

Оттаму се децидни дека вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита од потешка форма на коронавирусот и додаваат дека државата располага со доволни количини вакцини кои се безбедни и ефикасни.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 314.794, бројот на оздравени пациенти е 304.341, на починати е 9.327, а бројот на активни случаи изнесува 1.126. Во текот на вчерашниот ден, од Министерството за здравство посочија дека се регистрирани 293 нови случаи на Ковид-19.