Скрининг тестирање за учениците во основните и средните училишта, најави Филипче

Состојбата во училиштата е стабилна, но поради претпазливост и располагање со точни информации и сознанија, во подготовка е методологија за спроведување на скрининг тестирање за учениците во основните и средните училишта, кое ќе се прави со брзи антигенски тестови, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

„По почетокот на школската година се забележува очекуван раст на случаите меѓу учениците. Фактот што најголем дел од младите на таа возраст го поминуваат вирусот асимптоматски, упатува на потребата од вакво тестирање да се види реалниот број на заразени во училиштата и да се процени точно ризикот. Она што е важно дека засега состојбата во училиштата е стабилна, но ваквото тестирање ќе ни даде точни информации и сознанија за понатамошен менаџмент на пандемијата и образованието“, рече Филипче.

Во меѓувреме, министерот изјави дека сите граѓани постари од 60 години, здравствени работници независно од возраста и пациентите кои имаат трансплантации, на дијализа или имаат имунокомпромитирана здравствена состојба, по 6 месеци од извршена комплетна вакцинација ќе добијат трета доза на вакцина.
Ваквата одлука околу третата бустер доза ја донел Комитетот за имунизација, согласно препораките на Американска агенција за лекови и ЕМА, како и анализите на кои се работело во изминатиот период за тоа кои лица треба да примат трета доза вакцина.

Дополнително, Филипче посочи дека вакцинација со трета доза ќе се врши исклучиво со вакцина од производителот „Фајзер“ и согласно анализите, додаде дека ваквата одлука е во насока на заштита на оние кои се најранливи и подложни на лоша клиничка слика при евентуално заразување од вирусот.

Вакцинацијата со трета доза на вакцина, како што најави министерот ќе се врши со покана до граѓаните за термин преку СМС порака, односно како што се вршеше и на почетокот при приоритизација на критичните групи на граѓани.