Организаторите на настани протестираа пред Влада, бараат помош поради последиците од пандемијата

Организаторите на настани денес протестираа пред Влада. а најавуваат и нови протести секој ден од 12 до 15 часот се’ додека, како што велат, властите не им понудат соодветна помош во ситуација која ги зафатила поради пандемијата на КОВИД-19.

Според Маја Бабиќ, претседателка на Асоцијација на компании од индустријата за организации на настани (ИВАП), ивент индустријата е најзагрозена од пандемијата.

„Според Централниот регистар, нашиот пад е околу 62%, што значи деца две третини од прометите што сме ги правеле во 2019 се намалени. Во целата 2020 година, па и 2021 – 14 месеци, освен шесте месеци помош за плата, немаме добиено никаква друга поддршка од државата. Затоа сметаме дека треба денес да излеземе, бидејќи не сакаат да не слушнат на разговори и да одговорат на нашите дописи“, рече Бабиќ пред новинарите.

Таа нагласи дека Владата предвидела Конкурс на кој ќе можат да аплицираат за организирање на државни настани. Односно, заменик-премиерот за економски прашања, Фатмир Бетиќи, веќе најави дека владата ќе обезбеди помош од еден милион долари неповратни средства за оваа индустрија.

ИВАП реагира дека ќе треба да се конкурира на зададена тема, т.е. 30 години од независноста на Македонија и 20 години Рамковен договор.

„Да бидеме јасни, 30-годишнината на Македонија секако ќе се организираше. Значи, ниту пак ќе помогне на компаниите, особено што нема да бидат помогнати сите, туку само одбраните. Не може еден настан кој компанијата ќе го добие, парите кои ќе ги добие, да ја покрие загубата од целата година“, потенцираше Бабиќ, додавајќи дека „конкурсот не може да го наречеме помош“.

„Се обидовме на секакви мирни начини да дојдеме до заклучок, но немаме разбирање од другата страна и почнуваме на улица. До кога ќе биде така – не знам“, нагласи Бабиќ.

Таа објасни дека во оваа индустрија спаѓааат организаторите на настани, оние што озвучување и бинска опрема, видео и аудио продукциите, техничката поддршка…

„Зборуваме за концерти, митинзи, симпозиуми, спортски настани, семинари. Значи, се’ она што е јавен настан каде има публика, каде има собирање. И свадбите се дел од ивент индустријата, колегите денес не се со нас, но имаме најави дека од наредните денови може ќе ни се приклучат“, рече таа.

Посочи дека бараат грантови. Уште во јануари, вели Бабиќ, доставиле до Владата конкретни, сериозни и издржани предлози како тоа да се спроведе.

„За волја на вистината, тоа не го измисливме ние. Тоа Владата го направи кон ноќните клубови, кон игротеките, транспортерите. Видовме дека таков систем функционира во Владата и го побаравме и за нас. Има точно пропишани услови, под кои критериуми. Тоа треба да е 60% намалување на приходот во 2020 година, да ги има платено сите даноци кон државата, да докаже дека навистина работи во ивент индустријата… Има точни критериуми, па, ако сакаат, можат да доделат помош“, забележа Бабиќ.

Смета дека моментално во пандемијата, со волку починату лица, кога имунизацијата е на ниско ниво – нема услови за организирање настани.

„Навистина не сме моќни да кажеме кога би проработиле“, потенцира таа.

Не знаеше да прецизира за колкава бројка на луѓе се работи во оваа индустрија, но смета дека не се под 10.000, земајќи ги предвид и надворешните компании, филенсерите, музичарите, уметниците…

Во однос на вработените, вели дека за оваа индустрија нема факултет, туку дека имаат вложувано во ваквите луѓе, особено во компаниите што се занимаваат со изнајување опрема.

„Многу е тешко да се мотивираат да се задржат вработените“, констатираше Бабиќ.

Бојан Шашевски