Премиерот не ги прифати оставките на министрите Филипче и Хасани

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција соопшти дека не ги прифатил оставките на министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот Илир Хасани, поради пожарот во тетовската ковид болница каде загинаа 14 лица. Министерот Филипче и заменикот Хасани, два дена по пожарот му понудија оставка на премиерот.

„Внимателно ги прочитав наодите на истражителите за причините за несреќата во тетовската модуларна болница. Како што е јавно соопштено, со стручните наоди на вештачење е утврдено дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска во приклучен кабел. Врз основа на овие и претходно добиените информации, сакам да ја известам јавноста, нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Филипче и заменик министерот за здравство Хасани“, изјави Заев.

Заев во неколку наврати претходно изјави дека ќе почека да заврши истрагата за да донесе одлука дали ќе ја прифати оставката на Филипче.

Ваквата одлука доаѓа откако Јавното обвинителство на Република Македонија денеска соопшти дека причината за пожарот бил прегреан кабел на дефибрилатор.

Од ЈОРСМ истовремено посочија дека вештачењето утврдило и дека прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжените кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

Прегреан кабел на дефибрилатор причина за пожарот во тетовската болница каде загинаа 14 лица