Филипче: По истрагата ќе одлучам дали ќе поднесам оставка

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција соопшти дека после завршувањето на истрагата ќе донесе одлука дали ќе поднесе оставка, по пожарот во кој вчера изгоре модуларната болница во Тетово каде загинаа 14 лица.

Тој посочи дека во овој период има потреба од менаџирање на кризата, посебно околу пациентите во Тетово, односно процесот на завршување на обдукционите наоди.

„На многу медиуми и поединци имаше повик за моја оставка, дозволете да кажам дека од одговорност ниту бегам, ниту ќе бегам, но ќе инсистирам на тоа и ќе чекам да заврши истрагата“, додаде тој.

Тој посочи дека во текот на целата ноќ, целокупните капацитети на министерството и другите институциите биле целосно мобилизирани за што побрзо да се утврдат причините за трагедијата, истакнувајќи дека истрагата се уште трае, и додаде дека замолува за трпение додека се почекаат сите официјални наоди.

Починатите пациенти, како што посочи тој се на возраст од 29 до 79 години и нагласи дека во ковид центарот за време на пожарот биле хоспитализирани 26 пациенти, заедно со медицинскиот персонал кој бил составен од двајца лекар и четири медицински сестри.

„Дванаесет пациенти кои се евакуирани безбедно од ковид центарот во моментов се хоспитализирани во болницата во Тетово, и се во стабилна здравствена состојба, немаат последици од пожарот. Нема повредени ниту починати здравствени работници. На институтот за судска медицина се предадени телата на 14 пациенти, за дел од нив е завршена обдукцијата, дел се одвива во текот на целиот ден“, додаде Филипче.

Освен класичните обдукциони наоди, тој потенцираше дека ќе се прават и ДНК анализи за што се информирани и членовите на семејствата.

Тој се осврна и околу квалитетот и безбедноста на модуларните болници, како и процесот на нивното поставување.

„Она што тука го имам со мене, тоа е целата документација за набавка и поставување за модуларните болници, нешто во што правевме увид цел ден денеска, синоќа и сето тоа е со запазени строги стандарди и постапки при реализација на вакви проекти кои се поддржани од Светска банка. Истрагата исто така треба да утврди дали и на кој начин по предавањето на објектот во употреба на тетовската болница истиот бил одржуван и раководен“, додаде Филипче.

Истовремено, тој нагласи дека интерниот увид покажал дека сите вградени материјали имаат сертификат, како и атест за електрична, водоводна и канализациона инсталација.

„За појаснување тоа значи дека се што е вградено од материјалите е со сертификат од производителот, а процесот на инсталација е со атестирање. Сето тоа е под надзор на акредитирана компанија што контролира дали се обезбедени сите сертификати за буквално секој материјал што се вградува во модуларната болница. По завршување на сите постапки, надзори и техничкиот прием,  модуларниот центар се примопредава на болницата во градот, за понатамошно управување и одржување на објектот“, рече Филипче.

Дополнително, Филипче апелираше до граѓаните и медиумите да не се создава паника и недоверба кон ковид центрите, за кои вели дека значеа и се уште значат многу за хоспитализација и спасување на животи во ковид кризата.

„Вакви објекти се користат на многу места во светот, пожари и несреќи се случуваат и овие трагедии може да бидат предизвикани од многу фактори и затоа ќе повторам, апелирам да се почека резултатот од истрагата, и да не се прејудицира“, рече тој.