[Обновено] 14 жртви од пожарот во ковид-болницата во Тетово, увидот продолжува

14 лица загинаа во пожарот кој синоќа ја зафати модуларната ковид-болница во Тетово, соопштија од Министерството за здравство.

Тие дополнително информираа дека за време на пожарот во ковид-центарот имало вкупно 26 пациенти и дека останатите 12 се на лекување во тетовската болница, надвор од животна опасност.

„Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди. Министерството за здравство изразува сочувство до семесјтвата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа. Министерството во текот на денот постојано ќе информира за сите нови детали околу случајот, апелираме до медиумите и граѓаните да ги следат официјалните информации и да се воздржат од шпекулации за овој немил настан“, се додава во соопштението на МЗ.

Од Јавното обвинителство на Северна Македонија утрово соопштија дека пет обвинители биле на местото на пожарот и дека до рано утрово биле сослушувани вработени во болницата со цел да се утврдат причините за пожарот.

„Во соработка со припадници на МВР, веднаш е започнат увидот. Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал. Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан“, соопштија од Обвинителството.

Пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово изби синоќа околу 21 часот. Од тетовската противпожарна единица изјавија дека и покрај нивната брза реакција и целосно локализирање на пожарот до 21:30 часот, сепак оганот се проширил многу брзо поради материјалите од кои е направена модуларната болница и зградата изгоре до темел.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи рече дека станува збор за страшна трагедија.

„Кобна ноќ за Тетово, полна со болка и тага. Искрено сочувство со болката на сите оние кои денес ги загубија своите најблиски во овој трагичен случај. Во исчекување сме од надлежните институции да ја направат потребната проценка и да дадат официјални податоци, и што е можно поскоро да го решат овој трагичен настан што му се случи на Тетово“, рече синоќа Арифи.

Местото на настанот вчера го посетија и Премиерот Зоран Заев, како и Министерот за здравство, Венко Филипче. Иако по состанокот во тетовскиот кризен штаб не дадоа изјави, тие на социјалните мрежи порачаа дека целиот државен врв е посветен на брзо разрешување на ситуацијата.

За денес во 10 часот закажана е итна и вонредна седница на Владата на Северна Македонија посветена на случајот.