Прогласена тридневна жалост во Тетово по пожарот во модуларната болница

По вчерашниот пожар во модуларната ковид болница каде загинаа 14 лица, Советот на Општина Тетово денеска прогласи тридневна жалост, информираше градоначалничката Теута Арифи на прес-конференција.

Истовремено, Арифи посочи дека кога ќе се знаат официјалните информации за жртвите, ќе се помогнат нивните семејства со итниот фонд на општината.

„Сакам да ве информирам дека сум во постојан контакт со сите институции кои треба да ја завршат својата работа, и во секој момент кога ќе добијам потврдени официјални информации, нормално дека истите ќе ги споделам со вас. Сакам да се заблагодарам до сите граѓани, сограѓани на нашата држава, до сите наши пријатели и во регионот и подалеку кои се јавија со понуди за помош да помогнат сите на целата оваа ситуација да ја надминеме што побрзо“, рече Арифи.

Истовремено, таа ги повика и институциите што побрзо да ги завршат истрагите за да се дознаат причините за несреќата.

Министерството за здравство (МЗ) предмалку информираше дека во пожарот во ковид центарот во Тетово загинале вкупно 14 лица, додека за време на пожарот биле сместени 26 пациенти.

„Останатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност. Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди. Министерството за здравство изразува сочувство до семејствата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа“, додадоа од МЗ.

Дополнително, тие најавија дека во текот на денот постојано ќе информираат за сите нови детали околу случајот и апелираа до медиумите и граѓаните да ги следат официјалните информации и да се воздржат од шпекулации.

[Обновено] 14 жртви од пожарот во ковид-болницата во Тетово, увидот продолжува