Хелсиншки комитет: Објективна и навремена истрага и одговорност за трагедијата во тетовската болница

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска истакна дека инсистираат на објективно и навремено расветлување на големата трагедија во тетовската модуларна болница.

Истовремено, тие бараат и очекуваат од надлежните институции да спроведат темелна истрага, со која ќе се утврдат причините за пожарот, како и да преземат мерки за утврдување одговорност кај лица и институции, во однос на превентивните мерки за заштита и почитувањето на здравствените и безбедносните протоколи во болницата во Тетово.

„Оваа огромна загуба оправдано ја зголемува недовербата на граѓаните во институциите на системот и затоа е клучно истрагата да се одвива професионално  и транспарентно. Само на тој начин, надлежните органи може да го минимизираат просторот за шпекулации во јавноста и последователните штети, кои во голема мера може да го загрозат справувањето со последиците од пандемијата“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Тие сметаат дека обвинителството треба во најкус можен рок да излезе со информации кои ќе ги расчистат дилемите околу безбедноста на модуларните болници, имајќи ги предвид, како што велат, информациите дека е отворена посебна истрага за оваа јавна набавка.

„Дополнителните капацитети за хоспитализација на ковид-пациенти се од огромна важност за функционирање на здравствениот систем во време на пандемија, но истите треба да бидат оставени во функција само доколку ги исполнуваат безбедносните стандарди“,  нагласуваат од Хелсиншкиот комитет.

Истовремено тие ја поздравија одлуката за вклучување на странски експерти во истрагата, што ќе придонесе, како што велат, за кредибилитетот на истрагата и нејзините резултати.

„Комитетот продолжува да ја следи работата и постапувањето на надлежните институции на државата, од кои бараме највисоко ниво на професионалност и непристрасност во расчистувањето на оваа трагедија“, додаваат тие.

Инаку, од Владата соопштија дека утрово е потврдена поддршката од Германија со што се одобрува во земјава да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот. Како што посочија, се работи за експертски тим од Федералната криминалистичка полиција чиј делокруг на работа е во националната и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој.