СЕММ: Професионално известување од медиумите и транспарентност од институциите за несреќата во Тетово

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска преку соопштение посочи дека со голема загриженост ги следи прекршувањата на новинарските стандарди во известувањето за големата трагедија во Тетово и пожарот во модуларната болница. Оттаму потсетија дека медиумите се должни да го почитуваат член 1 од Кодексот на новинари, особено кога се работи за информации што се однесуваат на загуби на човечки животи.

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“, стои во член 1 од кодексот.

Дополнително, тие посочуваат и на членовите 7 и 8 од кодексот во однос на експлицитните фотографии и видеа од несреќите каде се наведува дека начинот на информирање во вакви случаи мора да биде ослободен од сензационализам, дека новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста и дека е должен да ги почитува личната болка и жалост.

„СЕММ упатува повик до граѓаните да пријават во нашата канцеларија какво било прекршување на новинарските стандарди што ќе го забележат во традиционалните или онлајн медиумите преку електронската пријава на следниот веб линк“, додаваат оттаму.

Истовремено, од СЕММ бараат транспарентно, навремено и прецизно информирање на јавноста од институциите, со цел намалување на ризикот од ширење на шпекулации во овие тешки моменти.