МЗ: Модуларната болница во Тетово е изградена согласно сите предвидени процедури и стандарди

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека сите 19 модуларни ковид болници во државава се типски објекти, градени по, како што велат, највисоки медицински и безбедносни стандарди, откако утрово се појавија информации во медиумите и на социјалните мрежи дека причина за пожарот во Тетово може да се пропусти при градбата.

Оттаму додаваат дека модуларните ковид центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово се отворени после технички прием.

„При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Министерството за здравство информира дека ковид центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита“, се додава во соопштението на МЗ.

При градбата, тие посочуваат дека има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки, како силиконирање јасни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците и слично. Дополнително, тие потенцираат дека по овие барања е постапено и дека тие се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти.

„Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска. Ковид центарот во Тетово ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи“, додаваат од МЗ.

Министерството апелираше да не се шпекулира со ваквите информации и посочи дека очекуваат експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот.

„Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност доколку истрагата го покаже тоа. Самите модуларни ковид центри беа и се уште се клучни во справување со пандемијата и хоспитализацијата на пациенти. Истите се градени по највисоки стандарди, а набавката која министерството за здравство ја правеше е согласно стандардите за ваквите болници кои се користат во многу земји во светот“, посочуваат од МЗ.

Во вчерашниот пожар загинаа 14 лица, а Советот на Општина Тетово денеска прогласи тридневна жалост.