Изгоре модуларната ковид болница во Тетово – најмалку 10 загинати

Најмалку 10 загинати има во пожарот кој околу 21 часот избувна во модуларната ковид болница во Тетово. Министерот за здравство Венко Филипче преку Твитер посочи дека бројката може да порасне.

„Лекарите се борат за животите на повредените, да им посакаме среќа и да останеме со мислите со нашите сограѓани вечерва. Апелирам до медиумите и граѓаните да не се шпекулира со бројките. Сите потврдени информации навреме ќе ги споделиме“, напиша Филипче на Твитер.

Командирот на тетовската територијална противпожарна единица Сашо Трајчевски изјави дека пожарот бил локализиран 21 часот и 30 минути, а 15 минути подоцна бил целосно ликвидиран.

„Екипите за 3-4 минути се пристигнати на лице место. Со околу 7 возила и над 30 пожарникари е учествувано од двете страни“, изјави Трајчевски.

Инаку, Филипче претходно информираше дека сите тимови од болницата се мобилизирани да за им пружат помош на повредените.

„Тие итно се транспортираат во Скопје за да им се даде соодветна нега, тимовите на Клиника се мобилизирани“, посочи тој преходно.