Започнува кампањата за вакцинација против Ковид-19, по пет месеци од најавата на Владата

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче денеска ја лансираа кампањата „За моментите на среќа – Вакцинирај се“, која меѓудругото е со цел да ги информира граѓаните за придобивките од вакцинацијата, да ја зголеми одговорноста и свесноста за важноста од вакцинирање и да ги разбие митовите, невистините и дезинформациите поврзани со вакцините.

Почетокот на кампањата доаѓа по пет месеци откако Владата на 9 март го задолжи Генералниот секретаријат, заедно со Министерството за здравство и Секторот за односи со јавност на Владата да спроведе јавна набавка за избор на идејно и креативно решение и реализација на кампањата. Рокот кој го зададе Владата за објавување јавна набавка беше пробиен, па така, наместо во рок од 15 дена, јавната набавка е објавена на 29 април, односно 51 ден подоцна.

„Се наоѓаме во критична фаза наметната од мутациите на вирусот Сарс-Ков 2. Овие мутации, заедно со четвртиот бран во кој се наоѓаме и антиваксерското дезинформирање на населението, недвосмислено ја укажуваат потребата од масовно точно информирање за вакцинирањето. Тоа е пред се наша одговорност. Сите мора да разбереме дека вакцините се единствениот спас од тешки форми на болеста и смртен исход од вирусот. Граѓаните мора да ги имаат точните, проверени, стручни информации за вакцините, за да се поттикнат промени во однесувањето и прифаќањето на масовната вакцинација, како би се запрел прогресот на пандемијата“, истакна премиерот Заев.

Тој посочи дека повикот на кампањата е едноставен и јасен и порача граѓаните да ја прифатат кампањата и да се, како што вели, отповикаат на повикот за масовна вакцинација, за безгрижно детство и среќни училишта во пресрет на новата учебна и академска година.

„Повикот – Вакцинирај се! – е за да се вратат артистите на сцените и за да ги поздравиме нивните остварувања и изведби со масовно присуство и долготрајни аплаузи, во безбедни средини, без да се грижиме дали некој ќе ни пренесе вирус од кој ќе завршиме во болница или полошо. Сите посакуваме да се вратиме како публика во спортските арени за да ги славиме успесите на нашите спортски амбасадори и пораката за сите нас е – Да се вакцинираме“, нагласи Заев.

Според министерот Филипче, преку кампањата, меѓудругото ќе се борат и против дезинформациите кои, како што вели, се уште циркулираат и ги збунуваат и заплашуваат граѓаните.

„Наша цел е како и досега да ја испратиме вистинската информација и да ги разбиеме митовите и невистините околу вакцините. Во ова сакам да ни помогне секој кој смета дека вакцинацијата е единствен излез од пандемијата. Во оваа кампањата ќе побараме поддршка од сите лекари, експерти, јавни личности, локални лидери и авторитети и сите кои сакаат да се вклучат и ја пренесат пораката – Вакцинирај се!“, посочи Филипче.

Истовремено, тој нагласи дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, но потенцираше дека се уште сме далеку од потребниот опфат со вакцинација за стабилизација на состојбата и излез од ковид кризата.

„Би сакал посебно да им се обратам на младите кои се категорија која сѐ уште е вакцинирана во мал процент. Вакцинирајте се и заштитете се себе но и најблиските. Никој не е целосно заштитен и сигурен, иако младите често поминуваат полесно, имаме за жал и тешки случаи кои мора да ги превенираме“, порача Филипче.

Почетокот на кампањата доаѓа во период кога низ земјава во повеќе градови деновиве се организираат протести против новите мерки на Владата.