Од утре за влез во сите угостителски објекти само со сертификат за вакцина или за прележан Ковид-19

Од утре, за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на посетители, како и за настани од секаков вид е задолжително поседување, приложување и проверка на сертификат за извршена вакцинација со најмалку една примена доза против Ковид-19 или потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравување, за лица над 18 години.

„Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе, како и за влез во затворениот дел од моловите. Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжителнo e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на КОВИД – 19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица“, стои во соопштението на Владата.

Оттаму потсетуваат и дека останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави на затворено, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот на местото и ограничен број до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните Ковид-19 документи.

Исто така, Владата донесе одлука дека од 1 септември, домашните и странските државјани ќе можат да влезат на територијата на земјата доколку претходно приложат сертификат за извршена имунизација од вирусот, односно, примени најмалку две дози на вакцина против Ковид-19 и сертификат или потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравување.

Истовремено, за влез во земјава ќе може да се приложи и медицинска потврда од негативен резултат на ПЦР тест, направен 72 часа пред влез на територијата на земјата.

„За нашите граѓани кои ќе се враќаат во земјата после 1 септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД – 19, ќе се одреди мерка карантин од 7 (седум) дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Странските државјани кои транзитираат низ земјата ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата“, додаваат од Владата.

Инаку, бројот на активни случаи на Ковид-19 денеска се искачи на 6.734 случаи, а само денеска се регистрирани 999 нови случаи на коронавирусот.

999 новозаразени и 14 починати од Ковид-19