МОФ: Над четвртина од младите сметаат дека квалитетот на живот им е влошен

Повеќе од една четвртина од младите сметаат дека квалитетот на живот им е влошен (19 %), или влошен во голема мера (8 %). Најзадоволни од квалитетот на живот се младите кои живеат во градови со од 50.000 до 100.000 жители, а најмалку задоволни се оние со 301 до 800, односно од 1.011 до 5.000 жители.

Ова се дел од резултатите од анализата што денеска ја промовираше Младинскиот образовен форум, со која се истражија и увидоа предизвиците и потребите на младите според планските региони во државата и големината и местото на живеење. Во него беа вклучени вкупно 820 млади на возраст од 15 до 29 години.

Според Наташа Станојкоска Трајкоска, aвторка на истражувањето, 56,8 % од испитаниците сметаат дека државата не придонесува за младите кои живеат во неразвиени рурални средини, 61,4 % од испитаниците сметаат дека државата не придонесува за младите кои живеат во сиромаштија и 56,9 % од испитаниците сметаат дека државата не придонесува за младите со попреченост.

„Охрид живее само на лето. Од септември е како глув град.“

„Јас живеам во населба Чаир, која граничи со центарот на Скопје. Во мојата населба нема никакви можности за забава. Штом ќе ја поминам линијата веќе е сосема поинаква слика. Генерално гледано, градот нуди можности и убави содржини. Треба да се разбуди локалната власт и да размислува за животот на младите.“

„Треба да има повеќе културни настани, да бидат луѓето заинтересирани за тие настани, да има повеќе места за спортски активности, да може да ги посетуваат сите, а не само деца од основно или средно училиште, повеќе средени рекреативни простори низ градот и патеки за велосипеди и пешаци“.

„Сакам да има место за млади каде што ќе можат да се собираат и дружат, место каде што ќе има квалитетна музика (рок, џез, хип-хоп, реге), место за едукација, како на пример заштита од насилство, советувалишта за млади мајки, место каде што младите можат да го покажат својот талент и, се разбира, да бидат бесплатни зашто сите млади немаат финансии за курсеви, тренинзи.“

*Наоди од фокус групите

Кога станува збор за регионите во кои живеат, најзадоволни од квалитетот на живот се младите од Вардарскиот регион, а најмалку задоволни се оние од Југоисточниот регион. Анализата исто така покажува дека најзадоволни се младите кои живеат во Свети Николе, а најмалку задоволни се младите од Гази Баба и Битола.

„Сакавме да увидиме со какви предизвици и потреби се соочуваат младите во сите области во државата, особено руралните области и за жал дел од нашите сомнежи се потврдија – младите од руралните областа немаат исти образовни, културни, економски и социјални можности за развој, што резултира со значително помал квалитет на живот на младите од рурални области споредено со младите од поголемите градови во државата“, изјави Димитар Низамовски, извршен Директор на Младински образовен форум.

По истражувањето се одржа и дискусија на која учествуваа Ѓорѓи Тасев, советник за млади и младински политики во Влада на Република Северна Македонија, Моника Зајкова, пратеничка во Собранието на Република Северна Македонија и Евгенија Јанакиеска, службеничка за млади во Министерство за образование и наука.

„За жал во Собранието е многу мал интересот за младинската политика и нема интерес за младински политики дури ни од младите пратеници а собранието е токму оној орган кој треба да се грижи да се донесат законски решенија со кои ќе се подобри квалитетот на живот на младите.“, изјави Зајкова.

„Ваквите истражувања ни даваат прецизна слика за како да се прават политики за млади таргетирани по различни региони согласно потребите на младите од тие региони“, се надоврза Тасев.

Главната препорака на МОФ е младинските политики да се адаптирани на локалниот контекст и да се скроени според проблемите, потребите и барањата на младите од специфичниот регион и според местото на живеење за кои тие се носат.

Истражувањето е изработено во склоп на проектот „Квалитетни образовни политики и можности за младите“, подржан од Фондација Отворено Општество Македонија.