Борче Стаменов го донираше илјадитиот компјутер – Безброј насмеани лица, потрошени 0 денари!

Семејство од Свети Николе го доби јубилејниот, илјадити компјутер преку иницијативата „Донирај компјутер“, на кавадарчанецот Борче Стаменов. Веста за големата бројка донирани компјутери со радост беше споделена на социјалните мрежи.

„Леле луѓе што направивме! 5 години постоење. Донирани 1000 компјутери. Безброј насмеани лица. Потрошени 0 денари“, преку социјалните мрежи ја сподели радоста за јубилејната илјадарка Стаменов.

Тој им се заблагодари на сите кои го поддржаа изминативе пет години во неговата борба да им обезбеди компјутер на оние кои не можат да го купат, на оние кои донираа, но и на оние кои ја препознаа неговата иницијатива.

„Ќе ги набројам и многуте награди и признанија кои ни служеа како поттик никогаш да не застанеме. Оти во раце имаме народна иницијатива која му служеше токму ним, на народот. Ја остваруваме замислата која ја имавме на почеток. Секому да му биде пружена еднаква шанса за квалитетно образование. И од моја гледна точка успеваме! Сепак, колку и да ми се драги и да ми значат овие признанија, најголема награда ни беше искреното благодарам на крај на денот!“, искрен е Стаменов.

Тој раскажува дека во изминатите пет години имаат добиено околу 1500 половни компјутери. Стотина од нив биле бескорисни или престари за да може да се искористи било што од нив. Преостанатите 1400 биле поправени или искористени за делови. И така е помината јубилејната бројка од илјада донирани компјутери.

„Ако ги претвориме тие 1400 во работна рака или финансии, само за проверка или дијагноза имаме донирано 840,000 денари. Пошто останаа 1003, сите тие подлежеа на процес на средување (инсталација на ОС и програми). Во просек таа работа чини околу 600 денари. Со тој чекор во облик на работна рака и време сме донирале уште 601,800 денари. Ако ги претвориме тие 1003 компјутери во средна продажна цена на половен компјутер (куќиште, монитор, тастатура, глувче, кабли за поврзување) која изнесува некаде околу 6000 денари, добиваме сума од 6,018,000 денари. Или ако ставиме се на едно купче добиваме износ од 7.459.800 денари или ако го претвориме износот во омилената валута на нашите политичари тоа би било некаде 120,319 евра. Само што ние за разлика од нашите политичари потрошивме 0 (нула) денари, донесовме среќа и почит низ цела Македонија“, објаснува кавадарчанецот.

Тој најавува дека нема да застане на илјада донирани компјутери. Веќе е основано здружението „Донирај Компјутер Кавадарци“, каде секој ќе може да даде свој придонес во борбата за намалување на нееднаквоста и сиромаштијата.

„Сметка за донација ќе објавиме во наредните денови. Да помогне во нашата борба секое дете, секој човек да добие еднакви шанси за подобро и поквалитетно образование и живот воопшто. За крај, уште еднаш, ви симнувам капа на сите знајни и незнајни херои и ќе Ви се заблагодарам што бевте и сте силен ветар во грб сиве овие години!“, благодарен е Стаменов.