Радио МОФ е добитник на наградата за истражувачко новинарство на ЗНМ

Новинарите на Радио МОФ, Даниел ЕвросимоскиЈасмина Јакимова, Бојан Шашевски и Емилија Петреска ја добија наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство што ја доделува Здружението на новинари на Македонија.

Тие ја добија за сторијата во две продолженија „По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави” и „Недопирливите убијци на балканскиот рис”.

Наградата ја поделија со Христина Ѓорѓиевска за сторијата „Заробените бели дробови на градот“ објавена на дигиталната платформа „Види Вака“.

„Истражувачките стории на темите што ги одбрале новинарите се од исклучително значење во нашата земја и нивната цел е да ја разбудат еколошката свест и за здрава животна средина кај надлежните институции како и кај секој граѓанин на нашата држава“, гласи образложението на комисијата.

Новинарот од Куманово Решат Ибраими од „News TV“ со својата видео сторија „Жалосна судбина на невестата од Албанија“ и колешката Александра Максимовска од МИА, дописник исто така од Куманово со својата тема „Правно невидливите лица од Куманово“ ја поделија годишната награда за известување на теми од локално и регионално значење за 2020 година.

„Наградените стории сеопфатно ги опишуваат и се обидуваат  да ги доближат до граѓаните проблемите со кој се соочуваат граѓаните во руралните и помалку развиени места во нашата земја“, велат од жирито.

Годишните новинарски награди беа доделени по повод 75-годишнината од формирањето на Здружението на новинарите на Македонија.

Фото: ЗНМ

Наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело ја доби новинарот Александар Чомовски долгогодишен, реномиран новинар кој моментално е дел од Утрински Брифинг.

„Тој со својата професионална работа во изминатите пет децении се вбројува како дел од врвните новинарски и уреднички имиња во македонските медиуми, со промоција на демократските вредности и негување и почит на новинарските стандарди, го одбележа медиумскиот простор на свој оригинален творечки начин“, велат од ЗНМ.

Фото: ЗНМ

На јавниот конкурс оваа година биле поднесени 20 апликации за награди за сите три категории, а членови на Комисијата за избор на наградите беа новинарите Мира Костиќ како претседател и како членови Сашко Димевски и Аднан Ајдари.