[Интервју] Влатко Митревски од „Ширшаја“: Не измислуваме топла вода, туку се навраќаме на старите корени

„Се будиш во свет за кој сонуваш, го градиш од темел и низ него патуваш. Живееш во свет од бои и мириси, исполнет со лаги и сурови вистини. Подигаш градови со траги од светлина, создаваш идоли на траги од сенката. Патувајќи среќаваш души изгубени, светот твој во пепел се претвори“.

Четиричлениот состав „Ширшаја“ пред некој ден го извади својот прв истоимен албум. Пред другарите и пошироко друштво го промовираа во „Олд Скул“ во Скопје. Истовремено го претставија и спотот за песната „Милост“.

Во својата срж, се работи за рокенрол музика. Музика што на прво слушање можеби ќе ве потсети на стари култни македонски бендови, од она дарквејв и пост-панк движење на состави како „Падот на Византија“, „Мизар“, „Анастасија“… Но, дечките внесуваат и повеќеслоен инструментариум што создава современа звучна слика, испреплетена меѓу минатото и сегашноста – со доза мистика од византиското, источното, додека сајзерот е тој модерен белег што ги издвојува и дефинира како „Ширшаја“.

Текстописец, вокал и гитарист во бендот е Влатко Зајче Митревски. Тој е фан на Милан Младеновиќ од „ЕКВ“ и е човек кој „кисне“ во „Олд Скул“. Ќе го најдете и низ други алтернтивни свртувалишта, каде се чувствува како дома, природно.

Низ муабет со Радио МОФ кажува дека составот е формиран во 2019 година, кога девојка му на тапанарот Благојче Пенов – Пенчо рекла „а, зошто не направите еден бенд?“.

„Како нуклеус почнавме јас и Пенчо. После некое време се приклучи и Андреј Коларовски (бас), кој го знам од градот од свирки. Се враќавме стално од град со автобус, бидејќи и двајцата живееме во Кисела Вода. Случајно го наоѓам на шанк, му викам бараме басист, а тој ‘ОК, ми се свири’. После 3-4 дена од првата проба, на клавијатури се приклучи и Дарко Димоски. Набрзо дојде пандемијата, но тоа не не’ спречи да работиме. Имаше и сериозни моменти, бидејќи некои од членовите живеат со родители и владееше мала паника, страв за нивното здравје, па некогаш одложувавме проби. Но, успеавме да свириме, со маски, дистанци…“, раскажува Митревски.

Бендот првично се претстави под името „Урсула Ле Гвин“. Под тоа име извадија и сингл. Сепак, се одлучиле да продолжат како „Ширшаја“, што значи „поширока од небото“.

„Тоа е црковно-словенски збор, ширина. Тоа најчесто е во конката на апсидата, на престолот, главата на најголемото, највозвишеното. Бидејќи студирав историја на уметност, од таму ги знам тие работи. Отсекогаш ме интересирала Византија, ми била мистика. Како црквите, така историјатот и културата“, потенцира Митревски.

За мешавината од рокенрол со дарквејв, пост-панк, њу-вејв, Византија… вели дека е сплет на околности, но албумот претставува целина. Сумирано, ќе каже: „’Ширшаја свири духовна рокенрол музика“.

„Албумот е склоп од различни правци, од различни временски периоди, епохи, а секој во бендот носи свој вајб. Кога ќе се склопиме – секој се труди да извади максимум од себе. И, тука се гледа кој на што е растен, какво (музичко) влијание имал“, вели Митревски.

Со коверот на Ласко Ѓуровски, заедно со звукот што го претставуваат, „Ширшаја“ веќе гради идентитет. Тоа е и поентата, вели тој, да не се двои името со музиката. Мора да има приказна.

„Имав замисла во глава, а на луѓето што работиме полека почна да им се свиѓа тој ‘филм’. Затоа сме заедно повеќе од две години. Не сме секојдневен бенд, гледајќи ако во Македонија голем број бендови работат на иста структура. Не дека измисливме топла вода, туку се навративме на старите корени. Од постарите бендови. Кругот се врти константно“, потенцира Митревски.

Во темите на албумот пеат за „Каење“, „Смрт на земја“, „Тавор“, „Идеал“, „Вистина“, „Милост“… За материјалот за текстовите, самиот ги наоѓа во одреден ден, ситуација, често се инспирира и од руската школа, каде омилен поет му е Есенин.  Дел од песните се историски приказни, испеани и спакувани во кутија – прикажани преку музика.

„Историски приказни, социјални теми, егзистенцијални… Наоѓам инспирација и во книги, и во секојдневието, и се’ она што ме опкружува. Инспирација може да имаш моментална, а може со месеци ништо да не напишеш! Зависи како се чувствуваш, како си расположен. Што ти се случува, што им се случува на луѓето“, раскажува тој.

Со сите проблеми, неправди и апсурдни ситуации во Македонија, смета дека може да се родат безброј песни. Само човек треба да се сврти околу себе, а „мотиви“ се наоѓаат на секој чекор, улица, медиуми, интернет…

„Ако земеме генерално – фали се’. Значи, ако тргнеме од алтернативната, андерграунд, рокенрол сцената – како сакате наречете ја – нема никаква поддршка. Тука-таму некои бендови ќе добијат одредена сума на пари пример од Министерство за култура, и тука завршува приказната. Единствено МКЦ ако направи фестивал, концерти за наши бендови, инаку се оставени на цедило самите да се снаоѓаат“, забележува Митревски.

Според него, државата треба да обезбеди барем една зграда, простор каде млади уметници, сликари, вајари, разни културолози ќе работат. Да искажат тоа што го сакаат. Тоа, вели тој, е незамисливо кај нас во овие времиња.

„Нема ниту медиумска поддршка, со чест на исклучоци како Стотројка, но повеќето вртат некој си шунд. Не само македонска, туку и странска и балканска музика. Се врти музика ‘за раја’. Алтернативната сцена е во сенка, а тоа не е од вчера. Тоа е јасно. Додуша ние сме млад бенд, има и помлади, но има и повозрасни – и тие немаат поддршка. Никој не добива за ништо. Знаејќи како е кај нас, треба некој да моли, полно бирократски работи, за на крајот да му дадат ситно средства, за кои после сигурно ќе ти бараат нешто… Во некоја месна заедница“, вели Митревски.

„Ширшаја“ продолжува да работи. Без заддршка. Окуражени се и од коментарите, критиките за албумот и поддршката што доаѓа од музичките фанатици, но и најблиските и пријателите. Токму музички пријатели како Калина Велковска, Елена Ставреска, Ади Имери и Ива Дамјановски гостуваат на првиот албум.

„Се надевам наскоро ќе направиме и една концертна промоција, зависи од пандемијата. Ни се свири најмногу на свет! Спремаме и нов материјал, веќе имаме неколку песни што сакаме да ги средиме и да почнеме да ги свириме. Се надевам дека наскоро, или во текот на следната година ќе објавиме албум, или во најмала рака едно ЕП со четири песни. Овој состав може да понуди уште многу!“, констатира Митревски.

Бојан Шашевски