Колективот „Undone“ го објави новиот албум „The Central Farm“

Колективот „Undonе“ го издаде своето ново музичко парче „The Central Farm“, кое деновиве го најавија во винил формат, а сега е објавен и преку музичката платформа „Bandcamp“.

Албумот на Ронит Бергман и музичката дружина се состои од 11 песни. Ова е ново истражување во полето на каде се движи колективот – „exotic sandalgaze quest“, алтернатива, нео-психоделија, спејс-поезија…

„Ова издание беше креативна радост да се направи и е посветен на чудото на креативноста“, стои во инфото за албумот.

Освен Бергман, во „The Central Farm“ се внесени авторски белези и на Дарко Јаневски, Влад Каевски, Ден Хирсч, Гоце Наумов и Филип Бошевски. Графичкиот дизајн е на Андреј Марјановиќ.

Приказната за „Undone“ започна во 2010 кога Ронит Бергман беше поканета во Македонија да направи поетски перформанс. Потоа, перформансот продолжи на интернационален поетски фестивал во Струга, а подоцна се претвори во албум „If We Are Here“ (2011). Останувајќи на експерименталниот поетски-рок пат, следниот албум „Indeed“ беше создаден низ тридневна џем сесија, по што Бергман имаше се’ повеќе колабораации со пријатели, луѓе што ги запознаваше преку интернет, или со музичари од Македонија.

Обично музичарите кои учествуваат во колективот „Undone“ имаат свои проекти и бенд, па кога работат заедно – секој со свој музички белег се вклучува во создавањето на песните, свират, пеат, креираат звук… На тој начин беше издаден „Family“ во 2016 и „kNOWing Eva“ во 2017 година.

Составот во 2018 го издаде албумот „Everything Is new under the Sun“ и потоа „Fountainhead“, за кој Бергман зборуваше и во интервјуто со Радио МОФ.