[Интервју] Ронит Бергман од „Undone“: Приказната за албумот „Fountainhead“ и 12-те племиња

Музичките фанатици од неодамна можат да се нурнат во „Fountainhead“ – најновиот албум патувалка на колективот „Undone“. Ова е музичко парче посветено на и за инспиративни музичари, уметници, мислители и учења, некои стари и илјадници години. Како што вели колективот, некои се’ уште се живи, собрани во „племиња“ според нивните есенции. Оттука, Радио МОФ направи интервју со Ронит Бергман од „Undone“, која на екстензивен и интимен начин раскажува за целиот креативен процес за албумот, за идејната и инструментална творба, но и за пандемијата и идните планови на колективот. 

По цела пандемиска година, на денот кога се случија два земјотреси во еден ден – 11 ноември – „Undone“ го објави новиот албум „Fountainhead“. Албумот беше готов на почетокот на 2020 година, но зошто толку долго чекавте да го издадете?

Двојниот земјотрес, да, тоа беше нешто! Кога ќе речете „толку долго“, тоа ме потсетува колку сè е релативно. Се работеше за друг аспект на времето, а тоа е и брзиот одговор на вашето прашање – не долго или кратко, но вистинското време :) Оваа година донесе добра перспектива за плановите… зависност од нив… трпеливост… приоритет… флексибилност… Интересни полиња. Првите четири или пет месеци од пандемијата, бев навистина зафатенa со други нешта и чувства. Се разбира, ми поминаа мисли за новиот албум дека е подготвен, но јас бев – „чекај“. Не дозволував разочарување, страв, или што било да се вмеша. Бидејќи шокот ја смени структурата, околу пет месеци по пандемијата, напишав еден куп нови песни и исто така почувствував дека 11.11. ќе биде добар датум за издавање на „Fountainhead“, за кој пркосно знаев дека припаѓа во 2020. Не го слушав откако го завршивме и навистина беше убаво да се ужива во него, откако се случија овие работи и помина сето време.

Напишавте дека албумот е посветен на и за инспиративни музичари, уметници мислители, и учења, некои стари и по илјадници години...? Можете ли малку да ми објасните за оваа идејна поткрепа на „Fountainhead“?

Дури и како младо девојче, секогаш ме интересираше смислата на животот и научив од многумина да бидам активен истражувач. Од Заратустра до Нефертити до Кралот Соломон до Богородица до Атар… до Бетовен, Марлон Брандо, „Алиса во земјата на чудата“… „Velvet underground“ се’ до луѓето што ги познавам.. и се’ помеѓу. Се наместив да погледнам наоколу и длабоко во мојот живот, што е можно пообјективно како капка што лета од фонтана – воздигната за да ги видам сите неверојатни луѓе и митолошки фигури, нивните приказни и есенции од кои сум создадена, тоа ми даде разбирање и удобност, тоа ми покажа и ме научи во животот да им се заблагодарам, да направам нешто свесно за и до нив… Некако ги групирав (тоа беше интензивен процес) во „песни-племиња“ според тоа како ги разбирам нивните приказни, како го чувствувам нивниот стил – да ги пренесат своите знаења и наоди што ги споделија за животот и човекот (нивната историја/музика/уметност/записи итн.).

Ронит Бергман

Верувам, секогаш сме им благодарни на оние што не’ инспирираат во што и да правиме, но, да, во овој албум тоа беше повеќе насоката и фокусот. Креативните процеси се толку прекрасна мистерија и не знам кога се’ започна. Но, материјалите се собираа, имав снимени мелодии за гитара и вокал на мојот телефон и компјутер, мноштво напишани работи, колекции од слики што ме интересираа во тоа време… Станав екстремно љубопитна да правам се’ сама на компјутерот (музичките програми), па така – соочена со страв, немав идеја дека го потиснувам, и со голема помош од Дарко (мојот маж со кого работам на еден или друг начин) – се нурнав во албумот.

Идејата за „рециклирани тапани“ беше она што овојпат го активираше физичкиот процес. Бев како дете во волшебна продавница за играчки. Слушајќи песни чиј звук/делови од изведбата/чувство го обожавам, кои нашиот тапанар Еди ги сними во последните 10 години со „Undone“, насобрав секвенци од тапани во 12 фолдери. Оттаму, идејата за „12 племиња“ ме водеше и паралелно работев на 12 песни. Почнав да собирам и групирам гитарски и вокални линии кои звучеа добро и се совпаѓаа со некој од тапаните. Некои подоцна станаа главен риф во песните или во вокалните линии, но во тој момент ги собирав само по чувство, па фолдерите беа домаќин на секое одделно „племе“. Во нашиот дом беа насобрани луѓе-информации во групи со сличен стил, елементи, локации, бои… разновидност. Потоа ги напишав текстовите – впечатливо знаејќи за кого пишувам, и започнав да го распоредувам материјалот во песни. Со некои бев посериозна, со некои поигрива, не сакав ништо да судам или ограничувам, едноставно – самото се одвиваше.

Куп хартии за време на креативниот процес за „Fountainhead“

Беше интересно како индивидуалци од различни времиња и области се среќаваа во овие племиња, имајќи заеднички нешто многу суштинско во наодите и/или во начинот на кои ги пренесуваа сфаќањата за животот. Без разлика дали станува збор за деликатна скромна скапоценост како издржливите херои „Малиот принц“, Сид Барет, Рам Дас, Мерлин, Даевид Ален во „Shy On“… Или рок-дамите што ја поседуваат сцената и состојбите на нивните сопствени умови како Нина Симон, Џенис Џоплин, Пети Смит, Грејс Слик, Нико, и мноу други неверојани женски музичари и артисти кои ги отворија вратите за многу други рокерки, туркајќи ги сопствените граници. Се борат за своето право да бидат уметник, секогаш истражувајќи го сопственото Битие, на и надвор од сцената… во песната „Higher Girls“. Moќта на трасформацијата Огнот ја има во „Urmia (The Ash Hills of Urmia) – со оние како Заратустра, Бетовен и се’ до Иги Поп… или дали е тоа сирово магично моџо на храбрите рок-поети Џим Морисон, или Џими Хендрикс во „Hey Mojo“, или кога зборовите беа мост за да се изнесат човечки универзални сознанија од Чарлс Буковски, Јона Валач или Тимоти Лири и многу други во „Outside Looking In“. Темата „Take a Stone, Bring a Rose“ е за Кралот Дејвид па се’ до MeToo. „Daughters of Rape“ ја споделува приказната за двајца мои пријатели.

„Fountainhead“ е за гледање низ очите на просветлен господар и е рефлексија во психоделичната фонтана на љубовни мелодии во ориентот… и уште многу други легенди… растенија.. сликари… филмови… Песните се испреплетени со луѓе што ги познавам или запознав во животот, кои ги сакам и сум им благодарна.

На крајот од радосните процеси, сакав да напишам песна за нашите деца, нашето мало племе, па ја напишав „The Song From The Next Album“, која беше стрела во правец на албумот на кој работам сега, „The Central Farm“. Верзијата на истата песна ќе ја затвори „Фармата“ со „The Song From The Previous Album“ :)

Останатиот дел од колективот „Undone“ прикажан во „The Song From The Next Album“

Познато е дека музичарите кои учествуваат во колективот „Undone“ имаат свои проекти и бенд, па кога работат заедно – секој со свој музички белег се вклучува во создавањето на песните, свират, пеат, креираат звук… Иста ли беше приказната/процесот за создавање и на ова музичко парче?

На некој начин, секој пат е различно и исто. Овој пат, откако ги подготвив тапаните, основните гитари и вокалите, почнав да им ги праќам на музичките пријатели од колективот кои имаа слободно време… Некои неверојатни гитари, бас и клавијатури почнаа да се приклучуваат на забавата. Работевме заедно на овој начин некое време и имавме добра комуникација. Отворена сум секој да свири каде и што сака, бидејќи истражуваме, слушаме, разменуваме. Сечиј придонес во песните низ целиот процес е неверојатен. Тоа е како средба во музика со пријатели што ги гледате одвреме навреме. За разлика од редовните проекти во кои се вклучени, каде сите имаат поголеми одговорности, тука е како да надополнувате одличен провод-вечер со пријателите. Навистина е убаво.

Овој пат, Дарко Тасевски и Филип Бошевски, со кои соработувам – додадоа гитари. Во неколку песни на двајцата им се допадна што свиреа заедно. Друга гитара дојде од Нога Шац, одлична артистка и музичарка која повторно ни се придружи. Ден Хирш, мојот братучед (со кој сега соработувам за „Тhe Central Farm“) прв пат се вклучи свирејќи прекрасен бас, и со Влатче (Каевски)… минувам доста време на сајзери, бас и други инструменти во албумот. И претходно имам работено со Влатче на проекти, но, овој пат, навистина пливавме во него. Се запознавме и го подобривме начинот на работа, иако нашите стилови се различни, сакаме да го правиме заеднички „Undone“. И… беше прекрасно изненадување што Јорам Гур, кој дојде да ме посети на сесија на „Plastic Venus“, заврши свирејќи три песни во кои се вљуби.

Коверот е на Марк Ентвисл, антологиско фото направено со неговата камера играчка, „Дајана филм 120“. Како оваа фотографија е поврзана со „Undone, и воопшто со албумот?

Ја знам оваа фотографија веќе некое време од еден од Фејсбук албумите на Марк, и таа постојано ми се враќаше, иако имав други размислувања за коверот, оваа едноставно ми се навраќаше. Ако би излегла на винил, би сакала да имам таков носач на звук… изгледа лудо и old-school и толку кич и смешно. Од моментот кога знаев дека сакам да биде на насловната страна и, се разбира, разговарав со Марк, таа ме придружуваше низ целиот процес. Ја распали мојата имагинација како диво возило кое може да ве однесе на пат во времето и просторот… може да биде мало златно вселенско такси и да се трка низ пустина и да застанува близу Нил, за да можете да видите како Нефертити лебди во кревет-лотос на рапсодија каде Леонард Коен пее за неа на мала приватна сцена… „Fountainhead“ би бил саундтракот додека ги менувате радио каналите на оваа фогографија…

Интригирачки е што за „Fountainhead“, како и за претходните изданија, на „Youtube“ се појавуваат визуелни записи за вашите песни. Барате артисти за да ви направат видео, или артистите самоиницијативно решаваат да креираат видеа, за да го „трансформираат“ звукот во визуелно задоволство?

Нашите песни почнаа да наоѓаат свои патишта до некои апсолутно фантастични канали на YouTube од првиот албум на „Undone“. Преку видеа и со тек на време моравме да станеме дел од оваа неверојатна заедница. Ова е заемна креативност… Синхронизирана имагинација… Силно препорачувам да ги проверите овие канали – тие се наоѓаат на нашите плејлисти на YouTube. Локално, регуларно работам со неверојатните уметници Филип Митров и Андреј Марјанович, со кои остварив бесконечна соработка од самиот почеток на „Undone“, па многу од визуелизациите и видеата се од двајцата пријатели. Двајцата истовремено се и музичари и учествуваат во компилацијата на „Undone“ со ремикси/кавери што ќе биде објавена во блиска иднина.

Откако свиревте во „Ла Кања“ во 2018 година за промоција на претходниот албум, мислам дека публиката немаше можност да слушне ваша свирка? Зошто „Undone“ неодамна одлучи да ја претставува својата музика само онлајн, преку интернет платформи, но не и преку живи настапи?

Ние сме колектив, и бевме колектив уште од самиот почеток. Не работиме како бенд кој редовно прави проби и можеби има концерти или турнеи. Тоа е повеќе како филм што се појавува, тоа обично не прераснува во театарска претстава…

Свиревме на самиот почеток, кога бевме неколкумина и своевремено од иста локација, и имавме неколку убави поетски изведби. Пред неколку години започнавме со проби, со желба да свириме редовно, но бевме шестмина, па – поделени меѓу градови, работни места, семејства, другите бендови и годишните одмори – навистина немавме можност сериозно да продолжиме. Освен тоа, во „Fountainhead“ и „The Central Farm“ учествуваат луѓе од Велика Британија, Израел, Германија и Македонија… Но, имајќи го тоа предвид, многу уживаме да свириме заедно и сум надежна и отворена кон можности…

Пандемијата го смени животот на сите. Од обично одење во продавница, аптека, до работното место, до следење настани и концерти со специјални протоколи и правила, како во некој дистописки филм. :) Влијаеше ли Ковид-19 во музичкиот полет, во напорите да се продуцира, но и да се живее уметноста на дневна основа?

Двете главни чувства кои ги имам е дека, прво (најважно) ова нарушување е привремено. Предизвика големи штети и промени, главно привремено, како бура, но ќе помине. Многу е масивно, многу глобално, но далеку од крајот на светот… Што се однесува со свирките и уметноста во моментот (мислам на настани во живо), е нешто како сончање низ оваа бура. Погрешно време е сега да одам на свирки. Се чувствува присилно и неприродно и сметам дека доаѓа од погрешно место. Според мое мислења, исто така може да предизвика штета. Мое размислување – држете се таму! Почитувам луѓе што размислуваат различно. Разбирам.

„Undone“ – фотографија од 2019 година

Во одреден момент во времето, работите се точно како што можат да бидат. Можете да го користите зборот Најдобри што можат да бидат, но, навистина значи дека само такви што Можат да бидат. Секои моменти претходно и потоа, може повеќе или помалку, подобро или полошо, не знам кои други зборови да ги користам, но – се Различни. Но, овој даден момент, тоа Само може да биде. И колку повеќе навистина така го сфаќам, толку подобро се чувствувам, се чувствувам послободно. Затоа што сум помалку приврзана кон разочарувањето, очекувањата, стравот итн.

Како се снаоѓате по дома периодов? Слушате музика, читате книги, гледате филмови..? Некои примери… како го оддржувате вашето ментално здравје?

Во овој „Grave New World“ мора да бидемe „Brave New People“ :). Мора да преживееме… бидеме силни, помагаме на сите што имаат потреба од помош. Да бидеме трпеливи. Одржувањето на фокусот е корисен начин. Морате некако да продолжите да го правите тоа. Овој период покажа Толку многу, и се’ уште покажува… Ако доведе до поголемо ценење за Тоа, и колку е всушност убаво и кревко – да се Има… Тоа, ако донесе учење за трпеливоста, се надевам ќе ја научиме лекцијата и нема да мора да ни биде дадена „друга шанса“ :)). Но, ќе го направиме, ако треба да се случи, и не знам кој ќе го води ова прекрасно шоу, но сигурно е предизвик деновиве да се фокусирате и да го одиграте вашиот дел, најдобро што можете. Има толку многу да се научи и е совршено време за активно Размислување!

Музиката на „Undone“ често патува низ она што се вика „exotic sandalgaze quest“, алтернатива, нео-психоделија, спејс-поезија… Ќе продолжи ли „Undone“ по овој музички пат, и што можеме да очекуваме во наредниот период?

Оваа потрага… не сум сигурна однапред каде ќе оди… Најновиот материјал – „The Central Farm“ – се’ уште може да се опише како што било од горенаведеното, но звучи поразлично од се’ што сум правела досега. Работам и на компилациите со ремикси/кавери на песните на „Undone“ од разни изведувачи. Процесот низ годините започна со неколку луѓе што прашаа да направат ремикс, и сега прераснува во албум. Исто така, започнав да работам повторно со мојот музички партнер во „Plastic Venus“, Јорам Гур, и се радувам на ваквата соработка.

Бојан Шашевски