[Галерија] „Жртвата никогаш не е виновна“ – започна протестот против „Јавна соба“

„Жртвата никогаш не е виновна“, „Ако не ги казнувате силувачите, вие сте силувачот!“, „Додека жените не се слободни, сите сме заробени“, со вакви, но и слични транспаренти, десетици граѓани попладнево го започнаа протестниот марш од пред Министерството за внатрешни работи, за поддршка на жртвите од групата на платформата Телеграм, „Јавна соба“.

Пред МВР, на насобраните демонстранти им се обрати Ана Колева, девојката која пред речиси една недела, откако нејзини фотографии се најдоа во групата „Јавна соба“, и се обрати на јавноста преку видеоснимка.

Колева посочи дека тоа што и се случило неа, било „глас на сите девојки кои го преживеале тоа“.

„Мој глас беше гласот на сите оние девојки кои трпеле до сега или во иднина можеби се уште ќе трпат. Мислам дека беше доволно молк, мислам дека е време да се освестиме, сите да се разбудиме каде живееме, кого имаме до нас и какви работи поддржуваме, а какви работи не поддржуваме. Мислам дека е веќе доста да молчиме и да дозволуваме да бидеме газени, да се криеме, да почекаме туќиот срам да помине и ние да можеме да продолжиме со нормалниот живот“, рече Колева

„Нема многу да објаснуваме, едноставно само сакам да кажам – нека ова биде почеток на големи промени коишто ќе се случат во ова општество. Нека се донесе закон но и нека тој закон се применува, нека се едуцираат институциите , нека се едуцира секој човек како треба да се однесува за да може да имаме поубаво и посреќно општество. За нас но и за идните генерации.“, додаде Колева.

Активистката Калиа Димитрова посочи дека во рок од три дена добила сто пораки од девојки и жени кои биле сексуално злоупотребувани во животот.

„Тука сме затоа што насилството се смета за традиција, а силувањето е партнер, приватна работа. Тука сме бидејќи не сме безбедни, дома, во школо, на факултет, на улица, на социјалните мрежи. Колку од вас имаат доживеано сексуално насислтво или вознемирување во животот. Колку од вас имаат пријавено во полиција? Никој, така… Тука сме, бидејќи се плашиме да пријавиме насилство во полициска станица, рече Димитрова.

Истовремено, пред почетокот на маршот, Димитрова ги истакна барањата и посочи дека бараат да се казнат сите администратори на групите од ваков тип, но и сите оние кои што внатре во тие групи споделувале лични информации и фотографии од девојки и жени, да добијат соодветни казни.

„Потоа, бараме и ова е особено важно, во Кривичен законик да влезе интернет вознемирување, кое што во моментов не е регулирано, а е од особена важност, а тоа е една од причините зошто сме тука“, рече Димитрова.

Оттука, тие се упатија кон Основното јавно обвинителство.

Случајот „Јавна соба“ кој првично на македонската јавност и стана познат минатата година, повторно се актуелизираше пред неколку недели, откако една од девојките чија фотографија се најде во една од групите насловени „Јавна соба“, преку видеоснимка и се обрати на јавноста.

Групата потоа беше избришана откако Министерството за внатрешни работи го побара тоа од платформата за допишување. Но, македонските медиуми известија дека по бришењето на групата, се појавиле уште неколку слични на неа.

Министерот за правда Бојан Маричиќ претходно посочи дека се направени измени во Кривичниот законик со кои има поголема заштита за жртвите на сексуално, физичко и психичко насилство.

Засега, за случајот со „Јавна соба“ се приведени четири лица.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)