Маргинализираните и ранливите групи (о)станаа исклучени во пандемијата

Лицата со нетипичен развој, Ромите, ЛГБТИ-заедницата, жените се особено засегнати во периодот на пандемија. Тие повторно се на маргините, опколени од предрасуди и стереотипи од околината, а од државата недостасуваат мерки и сервиси за нивна заштита и вклучување во општествените текови. 

Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на денешниот онлајн настан на Советот за етика во медумите и ОБСЕ имаше презентација каде потврди дека, иако има одреден напредок за заштита на овие лица, сепак, пандемијата „ни покажа дека сето тоа се врати назад“.

„Овие групи станаа ранливи, повторно станаа исклучени. Останаа да бидат најневидливи. Не е само нашето општество дискриминирачко, со стереотипи и предрасуди. Но, прашањето е колку државата ќе работи да го разбива тоа и да обезбеди системска поддршка“, вели Чаловска.

Мерките на Владата, вели таа, немаат интерсекциски пристап. Насочени се кон мнозинството во државата. Генерално се носени ад-хок, а здруженијата што ги следат не се вклучени во нивна изработка.

„Мерките, на крајот, излегоа дека се дискриминаторски кон одредени категории граѓани. Меѓународното право вели дека можеме да направиме отстапка од човековите права во кризна состојба, но мерките мора да бидат пропорционални кон одрените категории граѓани, да не се напушти принципот на еднаквост и недискриминација“, нагласува Чаловска.

Лицата со нетипичен развој ги спомена како едни од најзасегнатите. Забележува дека тие и претходно немаа пристап до сервиси, поради физичката затвореност на институциите. Пандемијата дополнително ги влоши работите.

„Не се направи никаква посебна мерка за овие лица, за нивна информираност како да ги заштитат своите права, со оглед дека Центрите за социјални работа се во прва линија за информациии. Но, нивното затворање влијаеше за заштита на здравјето, а се затворија и Центрите за поддршка, што влијае и на самиот тек на нивниот живот. Тоа доведува и до промена на целиот тек на семејството. Многу родители на лица со попреченост мораа да работат или со скратено време, или да дадат отказ од работа, што влијаеше и на приходите“, забележи таа.

Во однос на децата се непипичен развој, со измените на законите на образование, тие треба да бидат вклучени во редовните училишта, со цел да се постигне поголема инклузивност.

„Меѓутоа, дел од родителите известија дека доаѓале да ги поддржат децата преку онлајн наставата, што во најголем дел не функционираше. Никој не ги подготви родителите и самите деца како да комуницираат, какви програми да следат. Она што е ‘настава за сите’, не функционира за оваа категорија граѓани“, вели таа.

Ги спомена и здравствените аспекти. Пример кај оние со Даунов синдром, или во инвалидска количка со поголем притисок на белите дробови. Тие имаат поголеми предизвици и треба да се сместени во ризична група од КОВИД-19, и да се приоритетни за имунизација.

„На 19-годишна возраст по кратко боледување почина девојка со Даунов синдром. И била обезбедена здравствена заштита, но поради отсуството на информации не ја побарала веднаш, па негативниот ефект настапил по еден ден хоспитализација“, потенцира Чаловска.

Во однос на Ромите, забележува дека тие се најисклучени групи. Живеат во субстандардни услови, без вода, без патишта и асфалт до домовите. Без здравствената заштита. Државата требаше да обезбеди сервиси и информации, сепак, вели таа, оваа улога ја преземаа граѓански организации и донатори, со цел минимум да функционираат во пандемијата.

„Диспроопорционалност се јавува учениците кај децата Роми и другите деца, бидејќи голем број ромските деца немаа услови за компјутери и учење од далечина. Од 2.400 деца во учлиштето ‘Браќа Рамиз’ во Шуто Оризари, дури 1.100 ученици немаат компјутери и интернет, што значи половина не можеле да следат настава. А, можете да замислите што се случи во другите региони?!“, праша Чаловска.

Го спомена случајот бремената Ромка, која почина поради необезбедување на итна здравствена заштита, и покрај тоа што таа седум дена да биде хоспиталирана.

„Ова е всушност показател и на традиционалната непристапност на жените Ромки. Во Шуто Оризари долго време немаше гинеколог. Има извештаи дека жените Ромки воопшто не се примани во други градови, или бараат средства што немаат да ги дадат. Исто така, Ромите особено се загрозени бидејќи им се прекинаа сите можности за работа“, вели Чаловска.

Слободата за движење беше ограничена за сите, но постоеше случај кога од авион 300 лица се вратија во државата, а само група Роми однесена во центар за изолација.

„Една друга група која е секогаш е на маргините, кон која секогаш има стереотипи и предрасуди, е ЛГБТИ заедницата. Пандемијата доведе до генерална изолација на оваа категорија граѓани. Немаше било какви социјални активности. Тие најчесто не кажуваат што се во својот дом, тоа го живеат надвор од домот, но пандемијата повторно доведе да се затворат, што ги направи ранливи и подложни на психично и физичко насилство“, забележува Чаловска.

Оттука се зголеми потребата од психолошко советување, сепак, вели таа, државата не им обезбедува ваква поддршка. Организациите беа активни, но државата повторно не донела поширок пакет мерки за специфични здруженија што работат со нив.

„Ограничениот пристап до здравствена заштита исто влијаеше, особено за транродовите лица. Тие воопшто не може да остварат пристап до соодветна терапија, пристап до психолошка поддршка, па, со тоа, дополнително се маргинализираат“, нагласува Чаловска.

Додава и дека ЛГБТИ заедницата традиционално нема доверба кон полицијата, па не се пријавува кога има насилство во  семејство или од надворешната средина.

„Делата од омраза најчесто се однесуваат токму кон ЛГБТИ лицата“, забележува таа.

Жените исто така ги посочи како едни од најзасегнатите од кризата. Смета дека треба да се искористи интерсекциски пристап кога се користи за жените, бидејќи различни категории – различно се погодени.

„Затоа се вика дека и оваа е ‘женска криза’. Особено родовиот дисбаланс што постоеше поради напуштање на работните места. А, знаеме дека жените се секогаш перцепирани што треба да се грижат за повозрасните лица, за домот, децата. Затворањето на сите во домовите и традиционалното насилство на жените, говори дека во моментот жените трпат многу поголемо насилство. Меѓутоа, не го пријавуваат поради недоверба во системот. Во ЕУ 24% од жените пријавуваат семејно насилство, додека во нашата земја само 11%, што е дупло помалку“, вели Чаловска.

Поголем број од самохраните родители во пандемијата се жени, па обврските што ги имаат се двојно или тројно зголемени. Намалени се и приходите во еднородителските семејства.

„Кога размислуваме за сите овие групи, читаме различни извештаи со пријави, или размислување на овие категории на граѓани, но не можеме да знаеме со што точно се соочуваат, па сметам дека новинарите се клучни за да ни прикажат како се одвива нивното секојдневие. На тој начин се постигнува многу поголема солидарност неопходна за време на пандемија. Се поттикнува државата да направи конкретни мерки што во моментот отсуствуваат“, забележува таа.

Меѓу другите, претставничката од Хелсиншки како маргинализирани и ранливи во пандемијата ги истакнува и старите лица, лицата во затвори и притвори, бегалците, барателите на азил…

Во однос на дискриминацијата, ја спомена новоформираната Комисија за заштита од дискриминација. Оваа Комисија, за која Радио МОФ во март правеше подкаст каде беше нагласено дека нема основни услови за работа, Чаловска е оптимистична дека може да се избори со предизвиците.

Исто така, во поглед на дискриминацијата, важно е граѓаните да знаат дека според новиот закон, судските трошоци паѓаат на терет на државата. Претходно тужбите единствено добиваа финансиска поддршка од здруженијата и немаше случај каде граѓанин иницирал постапка за дискриминација пред суд.

„Ова многу ќе го зголеми бројот на случаи. Важна новина е и тужбата за заштита од јавен интерес. Ова значи дека здруженијата на граѓани, синдикатите, фондациите што утврдиле дека се врши дискриминација, особено системска кон поголем број граѓани – можат да поднесат ваква тужба и бараат заштита, посебно за маргинализираните лица“, посочува Чаловска.

Други правни механизми се Народниот правобранител, Уставниот суд, инспекторати во различни сфери. Разликата меѓу Омбусманот и Антидискринаторска комисија, вели таа, е тоа што Комисијата може да постапува по дискриминација во приватниот сектор.

Бојан Шашевски