[Видео + фото] Интензивна расправа во Гази Баба, прекината презентација за ДУП-овите

Прекината денешната јавна презентација за ДУП-овите за блок 2,3 и 4 од С 17 во Гази Баба, уште пред да почне нивната презентација. Во општинската барака број 8 дојдоа граѓани, активисти, советници и претставници од разни партии, но координаторката на Секторот за урбанизам во Општина Гази Баба, Благица Блажевска, под рака си ги зема материјалите и си замина во својата канцеларија, откако претходно во салата настана интензивна расправа со присутните.

Дел од присутните гласно обвинуваа дека општинарите со усвојување на ДУП-овите ќе создадат еколошка катастрофа. Други потенцираа дека луѓе во Железара умираат од проблеми со бели дробови, трети пробуваа да ја смируваат ситуација, додека четврти укажуваа дека презентацијата се случува незаконски во време на пандемија…

„Презентација не треба да се случува. Второ, уште волку луѓе сакаат да дојдат, но поради пандемијата и страв на своето здравје – не доаѓаат. Овој план што се однесува на Железара, не може да се одржи“, рече еден од советниците.

„Па, нека си одат луѓето ако не може да се одржи“, одговори координаторката Благица Блажевска, по што настанаа надвикувања.

„Како може така?“, „Алал да ти е“, „Нема да дозволиме тешка загадувачка индустрија“ одекнуваше од граѓаните.

Дел од нив беа и станати од столчињата, а координаторката се бранеше со контра зборови „Не можете така да ми нафрлате“, „Нема да има тешка загадувачка индустрија“ и „Не може во вакви услови да има расправа“.

Блажевска отиде надвор од салата, па пак се врати. Ситуацијата за момент се смири, но презентацијата не продолжи. Повторно настана расправа. Координаторката повторно исчезна накај канцеларија со хамерот со ДУП-овите, а присутните останаа да дискутираат меѓусебно, во и пред барака број 8.

„Толку луѓе собрани покажува дека кај луѓето има загриженост за новите три Урбанистички планови, во опфатот на фабриката Жлезара. Тука сме советници од повеќе партии, има советик од СДСМ, ДОМ , ВМРО ДМПНЕ, ГРОМ, социјалистичка партија, значи ова не е иницирано од ниедна партија, собрани сме од скоро сите партии, претставници на советниците“, рече пред новинарите Александар Трајковски, советник во општина Гази Баба на ВМРО-ДМПНЕ.

Тој за општинарите постави прашање – дали новите над 500.000 квадрати се Г-1 тешка индустрија?

„Второ, до нас има информација дека една фирма од соседна држава ќе уништува радиоактивен отпад во областа на Железара. Дали е тоа точно, дали има таква намера? И трето, дали во време на пандемија, кога се на сила од вчера мерки што ги донесе владата, треба да се одржува ваков настан, зошто толку итно?“, праша Трајковски.

Како советници, вели тој, нема да дозволат ниту еден нов метар квадратен земјиште во општината со нивна одлука да биде тешка загадувачка индустрија.

„Наместо наша цел да биде намалување на капацитетите на Железара, некој сака да изгласаме зголемување на опфатот, ново земјиште на тешка загадувачка индустрија. Па тогаш сите да се отселиме, не само од општината Гази Баба, туку од цело Скопје“, рече Трајковски.

Анастасиа Павловска, дел од граѓанската иницијатива која деновиве објави онлајн петиција, побара да не се става никаква политичка позадина и никој да не пробува да собере политички поени.

Сето започна од граѓанска иницијатива, вели Павловска, од обични граѓани кои се загрижени за својот живот, но и за животот на идните генерации.

„Прво, сакаме да постои поголема транспарентност од општината за каков вид на индустрија навистина станува збор, бидејќи тие цело време се кријат и кријат се што се случува. Второ, сите планови кои што ги имаат замислено да се отпишат, тоа нема шанси да се оствари, бидејќи ако се остварат тие може да се збогуваме со чистиот воздух кој што моментално го губиме, но исто така, најглавната е дека не смеат зелените површини да бидат исечени. Тоа ни е целата поента“, нагласи Павловска.

Преку објавената петицијата граѓаните се револтирани против трите ДУП-ови, но исто така, реагираа дека, во линија над комплексот фабрика Железара, во исто време се води постапка за три урбанистички проекти со намена Е 3.1 – постројки за термички, физичко – хемиски и хемиски третман на неопасен отпад. Па, прашаа за каков отпад станува збор?

„Јас мислам дека петицијата доволно беше проширена и, како што можеме да видиме, досега има 1.200 има потпишани. Претежно беа луѓе што се од Железара, Автокоманда, околните места…“, нагласи Павловска.

Во тој момент пред бараката повторно се појави координаторката Блажевска.

Неколку новинари ја убедивме да ни даде изјава, но не дозволи да ја фотографираме. Не’ пушти да влеземе во една канцеларија, каде повторно објаснуваше дека немало можност да продолжи расправата. На прашањето на Радио МОФ како се одржува јавна презентација, во услови кога Владата од денес (6 април) до 20 април забранува организирање и присуство на секаков вид семинари, обуки и конференции, таа вели:

„Добро, може да си одите. И ние се собираме овде, може да си заминеме сега, готово. Затоа што беше закажано и мислев дека од надвор, нашите ќе ги пуштат по пет души, по десет души, јас кога ги видов толку и јас се изненадив искрено, рековме да биде на неколку рати да речам, на неколку пати да влегуваат, да слушнат некој, па да излегуваат“.

Блажевска тврди дека со новите ДУП-ови ќе биде овозможено само Г-2 – незагадувачка индустрија, на државно земјиште. Односно, „магацини за складирање“.

„Нити јас ја направив тешката индустрија, ниту јас Макстил го донесов, ниту кои се таму се субјекти, ако работат уште, колку работат со тешка индустрија? Значи не е во ред нивното однесување (на присутните н.з.). Толку јас ќе кажам затоа што ДУП-от е многу убав сега, ги намаливме значи, нема веќе тешка индустрија“, рече таа.

Досега за Радио МОФ од Одделението за односи со јавност на Гази Баба не вратија одговори за урбанистичките проекти во Старо Скопје. Додека граѓаните стравуваат за тоа кој и каков вид отпад би третирал, координаторката Блажевска потенцира дека тече Стратешка оценка за животна средина (СОВЖ), за што треба да се произнесе Министерството за животна средина.

„Не знам каков отпад се работи. Тече процедурата. Во тек е постапката (за СОВЖ-то). Ќе има и за тоа јавна презентација, на линкови… Задолжени за тоа се МЖСПП и лиценциран субјект“, нагласи таа.

Дејан Димитровски, активист и советник од зелената партија ДОМ, пред новинарите рече дека ДУП-овите се „фрлена коска“, додека повеќе треба концентрација на Нацрт-извештајот што е објавен на страната на Гази Баба, за делот на Старо Скопје.

„Каде се работи за продажба на земјиште на инвеститор, има преработка на неопасен отпад. Што значи тоа ‘неопасен’?! Има многу делови каде во почетната фаза отпадот е класифициран како неопасен, меѓутоа при самото прозводство… Веќе имаме добиено некакви дојави за сериозно прекршување на животната средина, но не би сакал да избрзувам со изјави, додека не се истражи“, рече Димитровски.

Во однос на ставот на раководителката дека ќе има само Г-2 незагадувачка индустрија, тој вели дека „урбнанистите секогаш ќе го бранат својот став“.

„Наше е да го слушнеме гласот на граѓаните. Јас би одел, во следна фаза, на изготвување на терен за референдум, кадешто, буквално, граѓаните самите ќе си одлучат дали се за леб, или за здравје. Нема ништо попросто од тоа. Ајде да ги прашаме граѓаните, дали сакаат да имаат вработување, или нивните деца да имаат чист воздух и живеат во здрава животна средина. Ова не е мала работа! Апелирам да го прашаме повторно народот“, рече Димитровски.

На крајот, пред бараките останаа само активисти од граѓанската иницијатива од Гази Баба. Потпишуваа анкетни листови со забелешки за ДУП-овите. „На 29 април се затвора јавната анкета и ако не се направи нешто до тогаш, после ќе биде доцна“, рекоа уште претходно активистите.

Инаку, вчера и „02 Иницијатива“ објави реакција за случајот со ДУП-овите. Меѓу другото, велат тие, на делот на градската четврт C17, каде веќе се наоѓа комплексот Железара се предвидени градежни парцели за нова Г1-тешка загадувачка индустрија со вкупна површина од 556,301 м2, многу поголема од пет 5 парцели со површина од 176,217 м2 со веќе постоечка Г1-тешка загадувачка индустрија.

Исто така, забележаа тие, предвидени се 18 градежни парцели за нова Г-2 индустрија со површина од 334,592 м2, потоа градежната парцела за нов Г-3 сервис, девет градежни парцели за нови Г-4 стоваришта, 10 градежни парцели за нова Е-2 комунална супструктура…

„О2 Иницијатива“: Не смее да се дозволи отворање на нови индустриски капацитети во Гази Баба

Бојан Шашевски