„Не верувавме дека ќе направиме ваков огромен успех“ – македонските CS:GO шампиони ги сумираат впечатоците

„Реално никој не веруваше дека ќе стигнеме толку далеку и дека ќе направиме ваков огромен успех. Сите беа со помислата дека најпрво ќе поминеме групи, па да стигнеме до плејоф и натаму гледавме само да изиграме меч по меч и не гледавме ни дали ќе стигнeме полуфинале, ни финале“.

На овој начин македонскиот CS:GO (Counter-Strike: Global Offensive) репрезентативец Александар Ќулукоски кој се натпреварува под името „CacaNito“ за Радио МОФ го опишува искуството од Светското првенство на Меѓународната еспорт федерација (ИЕСФ) кое го освои Македонија. Македонските репрезентативци го добија златото откако ја победија Романија на 2 мапи.

„Сите сме многу возбудени со ова што се случи, неверојатно значи, не знам, сите се чувствуваме преубаво. Имавме огромна поддршка од страна на македонската јавност. Сите буквално. Нè имаше на различни вести, буквално предобро се чувствуваме“, вели Ќулукоски.

За тимот кој освен него се состоеше од Јане Апостолоски „aidKiT“, Дамјан Стоилковски „kyxsan“, Павле Стојановски „stYleEeZ“ и Кристијан Поповски „FODOR“, Ќулукоски вели дека имало многу тешки моменти, а посебно на мечот со Украина, за кој вели дека бил еден од најклучните натпревари во полуфиналето.

На пласманот на Светското првенство на ИЕСФ кое се одржа од 16 до 18 ноември во Ејлат, Израел му претходеле квалификации кои се одиграле пред 2 месеци, а од регионот се квалификувале само Македонија и Косово.

Во Ејлат, како што објаснува Ќулукоски, првично требало да се натпреваруваат 16 држави, но поради ситуацијата со пандемијата, на Светското првенство учествувале 11 држави во 3 групи.

Па така, пандемијата го „остави“ дома и Даниел Глигоров, односно „dan1“ од стандардната македонската петорка.

„Поради тоа што немаше вакцина и не можеше никако да учествува моравме да го земеме ‘FODOR’ како ‘стендинг’ замена и не мислевме дека ќе се уиграме толку, колку што бевме уиграни со ‘dan1’, ама, сепак се надевавме само да поминеме групи, да изиграме плејоф и после да се случи, тоа што се случи. Да играме само меч по меч и да очекуваме најубаво и само да играме“, вели Ќулукоски.

Еспортот во земјава пред официјализирање

Во Македонија еспортот според Ќулукоски сè уште не е на „некое ниво“, односно додава дека сите луѓе мора да сфатат што прават тие на компјутер, што играат. Но, после овој успех, смета дека се дало до знаење дека треба да се даде некаква важност за него.

За Радио МОФ тој објаснува дека немале некоја огромна поддршка и додава дека МЕСФ нема голем буџет за да ги поддржи, бидејќи сè уште не се официјализирани.

„Луѓето уште не се толку запознаени, не знаат што е фактички еспорт, кантер, игри, такви работи. Најголем дел од луѓето, за разлика на пример од другите држави, како што се скандинавските, кои се едни од најразвиените, имаат школи, буквално сè што им е потребно“, вели Ќулукоски.

„Мислам дека после ова што се случи, македонската јавност сфаќа и реално време е да се крене еспортот во Македонија, бидејќи има многу играчи, таленти, сите најчесто го поминуваат своето време на компјутер, и технологијата оди напред. Мислам дека после ова што се случи, каде што се закитивме со злато на Светското првенство ќе имаме огромна поддршка“, додава тој.

Како што објаснува тој, еспортот во Македонија е пред официјализирање, односно ќе се третира како спорт, исто како фудбалот, кошарката и сите останати.

„Бевме во Агенција за млади и спорт, тука беше и Наумче Мојсовски, тој е задолжен за потписот и договорот меѓу Македонската еспорт федерација и Агенцијата за млади и спорт каде ќе се склучи договор. Таму ќе се направат членки каде што ќе биде запазен договорот, правила.. Нè известија дека само уште се чека потписот и би требало, се надевам за месец да биде се океј, да се среди за да стане еспортот како официјален спорт веќе во нашава земја“, објаснува Ќулукоски.

Откако заврши Светското првенство на ИЕСФ, македонскиот репрезентативец вели дека немаат никаков одмор, односно дека постојано играат на европски турнири.

„Не застануваме ние, немаме одмор, ќе речеме сега, еве освоивме Светско, дај да одмориме, не. Моментално имаме многу турнири каде што треба да учествуваме онлајн, здравје и ‘лан’, па работиме многу јако, напорно, многу тренинзи и тоа е тоа. Само работа и така“, вели Ќулукоски.

Мартин Колоски