Објавен повик за награди за професионално известување за бегалците и лицата без државјанство

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) распиша Јавен повик за доделување награда за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство во земјава за 2023 година, во партнерство со Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) и Здружението на новинарите на Македонија.

Првата награда изнесува 40.000 денари, втората 30.000 денари, а третата награда е во вредност од 20.000 денари.

„Поднесоците треба да бидат напис или серија написи, фотографија и мултимедијален производ. Тие треба да се фокусираат на искуството на бегалците, барателите на азил, потенцијалните баратели на азил и лицата без државјанство, како и да имаат придонесено кон запознавање и подигнување на свеста на широката јавност на теми поврзани со нив“, истакнуваат од МЗМП.

Исто така, кандидатите потребно е да се државјани на Македонија, а поднесоците да претставуваат авторско новинарско остварување објавено во медиум во текот на 2023 година, да содржат автентични приказни за искуството на бегалците, барателите на азил и лицата без државјанство, да покажуваат чувствителност и почит кон овие лица, како и да избегнуваат сензационализам и стереотипизација.

Дополнително, организаторите посочуваат дека може да се конкурира со најмногу 3 прилога/написи/фотографии/мултимедијални производи кои треба да бидат испратени во PDF верзија со датум на објавување, мултимедијалните производи преку WeTransfer исто така со назначен датум, а фотографиите да бидат во JPG формат, најмалку 2000 пиксели на подолгата страна и резолуција 300 dpi со наведување во кој медиум и кога се објавени.

Исто така, не смеат да конкурираат новинари со стории кои биле изработени со поддршка од УНХЦР.

Сите поднесоци треба да се испратат на contact@myla.org.mk со наслов „Јавен повик за доделување на награда за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство во Република Северна Македонија за 2023 година“, најдоцна до петок (10 мај). Изборот на победничките стории, како што е најавено ќе биде објавен најдоцна до 20 мај.

„Поднесоците ќе бидат оценувани од страна на стручна комисија составена од истакнати новинари, фоторепортери и медиумски експерти од Здружението на новинарите на Македонија, членови на Македонското здружение на млади правници и претставници од Претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија. Тие ќе го оценуваат секој поднесок поединечно фокусирајќи се на тоа како е прикажана приказната на бегалците/лицата без државјанство и дали содржи карактеристики на професионално и сензитивно известување“, велат од Здружението.

Повеќе информации во врска со јавниот повик и начинот на поднесување на прилозите можат да се најдат на следниов ЛИНК.