УНХЦР: Во првата половина од годината во Медитеранот се удавиле или исчезнале 1.200 мигранти

Бројот на мигранти кои се удавија или исчезнаа во Медитеранот во првата половина на годината се искачи на 1.200, процени Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), јавува Ал Џазира Балканс.

Покрај тоа, десетици луѓе се водат како исчезнати од средата, откако бродот со кој пловеле исчезнал јужно од грчкиот остров Родос, објави во петокот огранокот на агенцијата што работи во Атина.

Бродот потонал, а досега се спасени 34 лица. Грчката крајбрежна стража спасила 29 од нив, а уште пет лица спасила турската крајбрежна стража.

Со оглед на тоа што спасените дадоа спротивставени информации за вкупниот број патници на бродот, се стравува дека голем дел од нив се удавиле.

Преживеаните рекоа дека бродот превезувал помеѓу 60 и 80 луѓе и дека испловил од мало пристаниште во близина на турскиот пристанишен град Анталија.