ОН: Сексуалното насилство во конфликти во 2023 година е зголемено за 50 отсто во однос на претходната година

Обединетите нации (ОН) во својот нов извештај за сексуално насилство во конфликти, објавија дека во 2023 година регистрирале вкупно 3 688 случаи, односно 50 отсто повеќе во однос на претходната година. 

Според извештајот, повеќето случаи односно околу 95 отсто вклучувале жени и девојки, а во 32 отсто од инцидентите жртви биле деца.

Прамила Патен, специјална претставничка на генералниот секретар на ОН за сексуално насилство во конфликтни зони, рече дека има голем пораст на милитаризацијата низ светот.

„Додека жените и децата гладуваат, воените трошоци ширум светот истовремено надминаа 2,2 трилиони долари. Додека буџетите за хуманитарна помош се намалуваат, оружјето продолжува да се доставува до криминалците, а жртвите продолжуваат да страдаат“, изјави Патен.

Според неа, сексуалното насилство особено ги погодува жените и децата. 

„Како што покажуваат информациите потврдени од ОН, на окупираниот Западен Брег, жените и мажите приведени од израелските сили по 7 октомври биле изложени на злоупотреба, вклучително и сексуално насилство. Слични обвинувања има и во Газа“, рече Патен и додаде дека и покрај сите напори на ОН за спречување на сексуалното насилство, тоа продолжува да расте. 

Петнаесеттиот годишен извештај за сексуално насилство во конфликти напишан од генералниот секретар Антонио Гутереш, беше презентиран на седница на Советот за безбедност на ОН. Извештајот опфаќа инциденти од Израел и Газа, Судан, Украина, Хаити, Мјанмар и Демократска Република Конго.