Минатата година 2.515 деца беа убиени во конфликти ширум светот

Во текот на 2021 година, 2.515 деца биле убиени, а 5.555 биле осакатени, додека 6.310 деца биле регрутирани и злоупотребувани во конфликти ширум светот, се наведува во годишниот извештај на Обединетите нации (ОН) насловен „Деца и вооружени конфликти“, пренесува Ал Џазира Балканс.

Други прекршувања откриени во извештајот на ОН се киднапирања, сексуално насилство, напади во училишта и болници и ускратување на неопходната помош.

Најголем број потврдени прекршувања минатата година се случиле во Јемен, Сирија, Авганистан, Демократска Република Конго, Сомалија, Израел и Палестина.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш најави дека следната година во извештајот „Деца и вооружени конфликти“ ќе бидат вклучени и евидентирани прекршувањата на правата на децата во Украина, Етиопија и Мозамбик.

Специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за деца и вооружени конфликти, Вирџинија Гамба изјави дека најмногу загрижуваат извештаите за кршење на правата на децата во конфликтите во Украина, кои вклучуваат убиства и осакатување деца и напади на училишта и болници.