УНЕСКО го стави украинскиот боршч на листата на загрозено наследство

Агенцијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) ја впиша традицијата на готвење боршч во Украина на листата на загрозено културно наследство, потег што силно го охрабрува Киев и на кој жестоко се спротиставува Москва, пренесува Ал Џазира Балканс.

Боршчот, кој е густа хранлива супа која се прави од цвекло, Украина го смета за национално јадење, иако наголемо се консумира во Русија, другите поранешни советски земји и Полска.

Културата на готвење украински боршч „е вклучена во списокот на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на кое му е потребна итна заштита“, соопшти агенцијата на ОН.

Одлуката беше одобрена по забрзана постапка предизвикана од руската инвазија на Украина и „негативното влијание врз оваа традиција поради војната“, додава УНЕСКО.

Од УНЕСКО наведоа дека војната „ја загрози одржливоста“ на културата на готвење на супата во Украина.

„Раселувањето на луѓето, претставува закана… бидејќи луѓето не се во можност, не само да готват или одгледуваат локален зеленчук за боршч, туку и да го собираат… што ја поткопува социјалната и културната благосостојба на заедницата“, наведоа од Агенцијата на ОН.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова го критикуваше потегот како обид да се додели боршчот на „еден народ, една националност… Тоа е ксенофобија“, рече таа.