Украина и Русија ќе потпишат договор за извоз на жито кој треба да ја ублажи глобалната криза

Украина и Русија денеска ќе потпишат договор кој е дизајниран да помогне во ублажувањето на глобалната криза со храна предизвикана од блокираниот извоз на жито од Црното Море, јавува Евроњуз.

Ова е првиот голем договор помеѓу завојуваните страни по руската инвазија на нејзиниот сосед во февруари, и доаѓа откако глобалните цени на храната пораснаа, а луѓето во некои од најсиромашните земји во светот се соочуваат со глад.

Договорот е постигнат во посредство на Турција и Обединетите нации (ОН), а на претседателот Реџеп Таип Ердоган ќе му се придружи и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на церемонијата на потпишување во 13 часот и 30 минути во Истанбул.

Воените делегации на завојуваните страни дојдоа до првичен нацрт план за решавање на ќорсокакот по првите директнин разговори минатата недела, на кои присуствуваат турски и претставници на ОН во Истанбул. Двете страни требаше да се сретнат повторно оваа недела за евентуален потпис на формалниот договор.

Но, рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ќе ги попречи разговорите, предупредувајќи во вторникот дека очекува и било каков договор да го реши и блокираниот извоз на жито од неговата земја. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, исто така, беше резервиран за постигнатиот потенцијален договор, тврдејќи дека властите во Киев ги блокираат разговорите.

Петмесечната војна се води низ едни од најплодните региони во Европа од двата најголеми светски производители на жито. Речиси целото жито обично се испраќа надвор од регионот преку Црното Море.