ОН: Во вооружени конфликти минатата година загинале 43.000 луѓе

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш рече дека околу 43.000 луѓе загинале како последица од вооружени конфликти во 2022 година и предупреди дека војната уништува животи ширум светот, пренесува Ал Џазира Балканс.

„Минатата година, 94 отсто од жртвите во населените места беа цивили. Вкупниот број на луѓе протерани од своите домови поради конфликти, насилство, кршење на човековите права и прогон достигна 100 милиони“, рече Гутереш за време на состанокот на Советот за безбедност на ОН за заштита на цивилите во вооружените конфликти.

Како што рече тој, минатата година повеќе од 117 милиони луѓе се соочиле со акутен глад пред се поради војна и несигурност.

„Ужасната вистина е дека светот не ги исполнува своите обврски за заштита на цивилите, обврски содржани во меѓународното хуманитарно право“, рече Гутереш.

Тој побара оние што ќе извршат воени злосторства да одговараат.