Гутереш на КОП27: Повеќе доверба меѓу богатите и сиромашните држави, светот гори пред нашите очи

Преговарачите на климатскиот самит КОП27 во Египет мора да го надминат недостигот на доверба меѓу богатите и сиромашните држави за да постигнат договор за спас на светот од најлошото глобално затоплување, изјави вчера генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш.

Гутереш истакна дека глобалните емисии се на највисоко ниво во историјата и дека продолжуваат да растат.

„Климатските влијанија ги уништуваат економиите и општествата и растот. Знаеме што треба да направиме и имаме алатки и ресурси за да го направиме тоа“, рече Гутереш.

Неговиот говор имаше цел да ги собере преговарачите кои не можат да се договорат дали да создадат фонд за компензација на сиромашните држави за климатската штета што веќе се случува.

Богатите држави, вклучително и САД, се противат на создавање нов фонд за загуби и штети за поддршка на земјите во развој опустошени од климатските промени, од страв дека тоа би можело да ги изложи на неограничена одговорност за нивниот историски придонес во емисиите на стакленички гасови.

„Јасно е дека постои проблем со довербата меѓу северот и југот, како и меѓу развиените и економиите во развој. Не е време да се покажува со прст“, рече Гутереш.

Конференцијата за климата на Обединетите нации КОП27 која започна на 6 ноември завршува денеска.