ОН: Човештвото влегува во „спирала на самоуништување“

Човештвото страда од „нарушена перцепција на ризик“ што нè поттикнува на активности и однесувања што предизвикуваат климатски промени и се поголем број катастрофи ширум светот, предупредија денеска Обединетите нации (ОН).

Во новиот извештај, Канцеларијата на ОН за намалување на ризиците од катастрофи (УНДРР) откри дека во последните две децении на глобално ниво има помеѓу 350 и 500 катастрофи од средни и големи размери секоја година.

Со оглед на климатските промени, се очекува уште почесто да се случуваат катастрофални настани предизвикани од суша, екстремни температури и разорни поплави. Тоа е пет пати повеќе од просекот во претходните три децении.

Во извештајот се проценува дека до 2030 година, годишно ќе доживуваме 560 катастрофи ширум светот или во просек 1.5 катастрофа секој ден.

УНДДР соопшти дека остриот пораст на глобалните катастрофи може да се препише на „нарушената перцепција на ризикот, заснована на оптимизам, потценување и непобедливост“.

Ова, тие велат дека доведе до политички, финансиски и развојни одлуки кои ја зголемија ранливоста и ги ставија луѓето во опасност.

Игнорирањето на огромните ризици со кои се соочуваме „го доведува човештвото во спирала на самоуништување“, предупреди во соопштението, заменик генералниот секретар на ОН, Амина Мохамед.

„Науката е јасна. Поевтино е да се преземат мерки пред катастрофата да уништи, отколку да чекате да се случи уништувањето и да реагирате откако ќе се случи“, изјави таа.

Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени оваа година предупреди дека ефектите од климатските промени, од горештини до суши и поплави, ќе станат почести и поинтензивни, односно ќе им нанесат штета на природата, луѓето и местата во кои живеат.

Катастрофите ширум светот чинат околу 160 милијарди евра годишно во текот на изминатата деценија, се вели во извештајот.

Но, најголемиот дел паѓа на земјите со пониски приходи, кои годишно во просек губат по 1% од својот бруто домашен производ поради катастрофи, во споредба со само 0.1 до 0.2% во побогатите земји. Најтешко погодени се азиско-пацифичките земји, кои губат 1.6% од БДП годишно, се додава во извештајот.

На пример, на Филипините, милиони луѓе сè уште се опоравуваат од тајфунот Раи што ги опустоши во декември.

Како што расте бројот на катастрофи, така ќе растат и трошоците. Во извештајот се проценува дека уште 37.6 милиони луѓе ќе живеат во екстремна сиромаштија до 2030 година поради влијанието на климатските промени и катастрофите.