Светот е на работ на бездна со климатската криза, предупредува ОН

Истекува времето во кое светот може да се справи со климатската криза судејќи според последните информации кои доаѓаат од Обединетите Нации (ОН).

Според извештајот „Состојба на глобалната клима 2020“ од Светската метеоролошка организација објавен вчера, минатата година била најтопла во историјата. Концентрациите на стакленички гасови се зголемиле и покрај намалената економска активност поради пандемијата.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, вели дека 2021 мора да биде година на акција за заштита на луѓето од „катастрофалните“ ефекти на климатските промени. Тој на пресконференција, во која ги презентираше деталите од извештајот, посочи дека моменталните нивоа на заложби за справување се климатските промени се далеку помали од тоа што е потребно.

„Времето брзо истекува за да се постигнат целите од Парискиот договор. Мора да направиме повеќе и побрзо, веднаш“, рече Гутереш.

Стандардите договорени во Парискиот договор од 2015 година требаат да го ограничат глобалното загревање на нивото до два степени целзиусови во споредба со пред-индустриските нивоа. Дел од земјите, пак, објавија дека целта им е растот на затоплувањето да го ограничат најмногу на 1,5 степени целзиусови.

За да се постигнат овие цели клучно е намалување на емисиите на стакленички гасови за 45 проценти до 2030 година, и постигнување на неутрални-нула емисии до 2050 година. Сепак, друг извештај од Меѓународната енергетска агенција покажа дека побарувачката за фосилни горива значително ќе порасне во 2021. Само побарувачката за јаглен се проценува дека ќе порасне за 60 проценти повеќе од сите обновливи извори на енергија заедно.

Едно од најалармантните откритија е фактот дека на 20 јуни во рускиот град Веркојанс биле измерени 38 степени целзиусови, најтопла температура досега измерена северно од Арктичкиот поларен круг.

Во извештајот се потенцира и дека забрзува трендот на растот на нивоата на светските мориња, а се зголемува и складирањето топлина во океаните што ја оневозможува нивната можност да ги ублажуваат климатските промени.

Извештајот на ОН доаѓа само неколку дена пред самиот под покровителство на САД. 40 светски лидери се поканети на виртуелна средба со американскиот претседател Џо Бајден на кој треба да се засилат напорите од големите светски економии за борба против климатските промени.