Втора недела од КОП26 – фокусот на поддршка на сиромашните

Расправата на Конференцијата на Обединетите нации за климата КОП26 продолжи и денеска, втора недела по ред, при што делегациите најмногу ќе бидат фокусирани на поддршката на сиромашните земји во борбата против климатските промени, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Британската влада најави дека планира да инвестира речиси 300 милиони фунти за да им помогне на најранливите земји во борбата против растот на температурите.

Велика Британија, која е домаќин на самитот за климата во Глазгов, ќе им помогне на земјите во развој да се прилагодат на ефектите од климатските промени и да се справат со загубите и штетите како последица на зголемувањето на нивото на морето, сè поразорните бури, суши и шумски пожари.

Министерката за меѓународна трговија Ен-Мари Тревелјан ќе свика состанок на министри од најмалку 26 земји и региони, вклучувајќи ги САД и Европската комисија, за да апелира за помош на земјите во развој.

Според извештајот на здружението „Christian Aid“, некои од најзагрозените земји до 2100 година би можеле, доколку продолжат досегашните политики во однос на загадувањето, да доживеат голем удар на својата економија и пад на растот до 64 отсто.

Најзагрозените земји од глобалното затоплување го повикуваат остатокот од светот да ги замени зборовите со дела во текот на следната година, со цел да се спречи порастот на глобалната температура да надмине 1.5 целзиусови степени.