Протести на улиците во Глазгов поради „лажните ветувања“ на лидерите на КОП26

Продолжуваат протестите на улиците на Глазгов против, како што велат демонстрантите „Лажните ветувања“ дадени од лидерите на КОП26, јавува „Н1“. Пораките што ги испратија насобраните демонстранти се „Нулта стапка до 2050 година е измама“.

Емисиите што ја предизвикаа климатската криза го достигнаа највисокото ниво досега во 2019 година, пред глобалните мерки поради пандемијата на коронавирусот да доведат до пад од 5.4 отсто.

Сепак, согорувањето на фосилните горива во 2021 година порасна побрзо од очекуваното. Во извештајот на организацијата Глобален проект за јаглерод (ГЦП) се предвидува зголемување на емисиите од 4.9 отсто годинава, односно на 36.4 милијарди тони.

Резултатите од истражувањето беа објавени во време кога светските лидери се состануваа на конференцијата на Обединетите нации КОП26 во Глазгов, за да се осврнат на климатската криза и да се обидат да договорат план за акција за иднината.