Најавени климатски протести во 26 градови во светот, на два дена пред почетокот на КОП26

На два дена пред почетокот на Конференцијата за климата на Обединетите нации КОП26, денеска ќе се одржат климатски протести во 26 градови во светот, јавува „Индипендент“.

На еден од нив кој ќе се одржи во Лондон во знак на протест против континуираната употреба на фосилни горива ќе учествува и младата активистка Грета Тунберг. Демонстрантите, вклучително и Тунберг бараат глобалниот финансиски систем, во кој Лондон има главна улога, да престане да вложува пари за употреба на фосилни горива.

Овие протести, како што наведува „Индипендент“ може да бидат едни од најголемите климатски протести кои се против финансирањето за употреба на фосилни горива, кои ќе се одржат и во други финансиски центри, вклучувајќи ги Њујорк, Сан Франциско и Најроби.

Конференцијата за климата е најавена да започне на 31 октомври и да трае до 12 ноември. Овој пат таа ќе се одржи во Глазгов.