[Видео] Полицијата растури климатски протест на Универзитетот во Амстердам и уапси 30 луѓе

Полицијата вчеравечер уапси 30 лица додека растураше климатски протест во зграда на Универзитетот во Амстердам. Десетици климатски активисти ја окупираа зградата вчера попладне. Меѓудругото, тие побараа универзитетот да ги прекине врските со нафтената компанија „Шел“. Полицијата ја расчисти зградата нешто по 23 часот, јавува „НЛ Тајмс“.

Посебна единица на полицијата почна да ги отстранува активистите од зградата нешто по 20:30 часот. Луѓето беа уапсени внатре и надвор од поранешниот Академски клуб, изјави портпаролот на полицијата.

Полицијата најави повеќе детали за апсењата денеска. Активистите се осомничени за неовластено влегување, изјави портпаролот на Јавното обвинителство. Портпаролот на активистите пак, претходно објави дека „десетици“ демонстранти се собрале во зградата.

Претходно во текот на денот, претставник на Извршниот одбор на универзитетот отиде да разговара со активистите. Извршниот одбор јасно стави до знаење дека Универзитетот во Амстердам не дозволува ваков вид протести со окупирање. Бидејќи активистите не се согласиле веднаш да заминат, универзитетот поднел пријава за неовластено влегување.