Берлин ја подарува вилата на Јозеф Гебелс, министерот за пропаганда на Хитлер

Владата на Берлин ја подарува вилата некогаш во сопственост на министерот за пропаганда на Адолф Хитлер, Јозеф Гебелс, пишува „Гардијан“

Ваквата одлука на Владата следува по децениската дебата дали вилата треба да се пренамени или уништи. 

„На секој што би сакал да ја преземе вилата, му нудам да ја преземе како подарок од државата“, рече министерот за финансии, Стефан Еверс.

Иако Владата постојано се обидувала да им го продаде местото на федералните власти или на покраината Бранденбург, каде што се наоѓа вилата, сепак тоа било безуспешно и финансискиот товар за одржување и безбедност на комплексот останал на нив. 

„Ако повторно не успееме, како во изминатите децении, тогаш Берлин нема друга опција освен да го изврши уривањето за кое веќе сме се подготвиле“, рече Еверс.

Гебелс, еден од најблиските сојузници на Хитлер, ја изградил луксузната вила во 1939 година со поглед на езерото Богензе во близина на градот Вандлиц, околу 40 километри северно од Берлин.

Како место за одмор од Берлин, Гебелс ја користел вилата за да ги забавува нацистичките водачи, уметници и актери и наводно како љубовно гнездо за тајни афери.

По војната, локацијата од 17 хектари кратко била користена како болница а потоа ја презело младинското крило на источногерманската комунистичка партија, која изградила центар за обука.

По обединувањето на Германија во 1990 година, сопственоста на локацијата се врати на покраината Берлин.

Гебелс се вратил во Берлин во последната фаза од Втората светска војна. Тој и неговата сопруга се убиле себеси и нивните деца со капсули цијанид во бункерот на Хитлер додека советските трупи влегувале во градот.

Инаку, раскошниот дом на семејството Гебелс на остров во Берлин беше продаден на аукција во 2011 година.