Во Берлин годинава биле поднесени повеќе од 2.000 кривични пријави против активисти за климата

Само во главниот град на Германија годинава се поднесени 2.200 кривични пријави против климатски активисти, а веќе се изречени 600 казни, изјави началничката на берлинската полиција Барбара Словик.

Активистите, како што изјави таа за новинската агенцијата ДПА, од средината на јануари 276 пати блокирале улици во Берлин. До средината на декември се случија уште 42 други акции на активисти, од кои некои се сметаат за кривични дела.

Словик додава дека полицијата поради радикалните протести потрошила 220.000 дополнителни работни часови на улица – набљудувала раскрсници и згради, се грижела за демонстрантите кои се лепеле за асфалт и го пренасочувала сообраќајот.

Групата „Последна генерација“ почна со блокади во втората половина на јануари годинава, а од октомври оваа група радикални активисти ги прошири своите активности низ цела Германија. Според Словик, групата брои околу 500 луѓе од Берлин.

Некои сметаат дека нивните постапки се оправдани, но многумина ги критикуваат, а некои бараат заострување на кривичниот закон.