Климатски активисти блокираа работа на електрана на јаглен во Германија

Група климатски активисти во понеделникот блокираа електрана и површински рудник за јаглен во источна Германија, по што делови од електраната беа затворени со часови.

„Протестираме против понатамошното работење на овој рудник за јаглен и неговото разорно влијание врз животната средина“, се вели во соопштението на досега непознатата група климатски активисти. Тие велат дека „нападот на Русија врз Украина не смее да се користи како изговор за продолжување на употребата на лигнитот“.

Групата активисти ги окупираа објектите каде јагленот се пренесува од вагоните во термоцентралите, што предизвика гасење на два реактори.

Активистите се врзаа за шините со синџири, а некои користеа и бетон. Полицијата соопшти дека активистите кои во меѓувреме беа одвоени од колосекот се во притвор.

Министерот на сојузната покраина Бранденбург, Микаел Штубген побара „високи казни“ за демонстрантите.

„Оној што ги блокира електраните си игра со снабдувањето струја и греење за многу домаќинства, училишта и болници“, рече Штубген, кој оваа акција ја нарече „саботажа“ во особено чувствителен момент кога станува збор за снабдувањето на земјата со енергија.

Управата на електраната рече дека се работи за „тешки кривични дела“. Оттаму соопштија дека поради прекинот на дотурот на јаглен, на моменти биле принудени да ги одржуваат блоковите со согорување на мазут, кој, како што наведуваат е многу поштетен за животната средина од јагленот.

Поради напнатата ситуација со снабдувањето со енергија, поради прекинот на испораките на гас од Русија, електраната доби дозвола да продолжи со работа со опција за ставање во функција дополнителни, веќе исклучени реактори.

Според претходните одлуки, Германија треба да ги затвори последните електрани на јаглен до 2038 година.