Климатски активисти во Германија блокираа патишта кои водат до трите најголеми аеродроми

Членови на групата „Востание на последната генерација“ денеска протестираа блокирајќи го пристапот до трите најголеми германски аеродроми, јавува „Дојче веле“.

Групата ја повика германската влада да се заложи за повеќе законски мерки за да се стави крај на фрлањето храна, што според нив придонесува и за гладот и за климатските промени.

Климатските активисти протестираа во Франкфурт, Минхен и Берлин. Тие посочија дека сакаат да го попречат товарниот и патничкиот сообраќај на аеродромите во градовите.

Осум активисти во Минхен ги залепија рацете на тротоар утрово во обид да блокираат два патишта кои водат до аеродромот, потоа биле одведени во полициска станица околу 9 часот и 30 минути по локално време.

Шест активисти пак, држејќи транспаренти на кои пишуваше „Спаси храна, спаси животи“ блокираа пат во Франкфурт.

Во меѓувреме, во Берлин пет активисти ги залепија рацете на патот што води до аеродромот, со што успеаја да го пренасочат сообраќајот.

Активистите од групата со недели протестираат во Берлин, Хамбург и други германски градови, со блокади и штрајкови со глад.

Групата се залага Германија да преземе дополнителни чекори кон намалување на емисиите на стакленички гасови во земјоделството со елиминирање на отпадот од храна.