Конкурс за стрип на тема „Каде припаѓам?“

ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување и издавачката куќа ТЕМПЛУМ распишуваат Kонкурс за стрип, наменет за млади, на тема „Каде припаѓам?“

„Темата е поврзана со чувствата на (не)припаѓање, (не)вклученост, маргиналност, отфрленост. Целта ни е да ги артикулираме тие чувства, преку уметност (стрип), ем за подобро да се информираме, ем за да научиме подобро да се справуваме со чувството на отфрленост. Конкурсот е наменет за млади креативни луѓе. Сакаме нивното мислење и нивната работа да ги направиме повидливи и погласни. Освен тоа, сакаме да ги поттикнеме вредностите на заедничката работа, инвентивноста, креативноста и ангажираноста. Цел ни е и да придонесеме за развојот на еден интересен уметнички медиум, стрип, кој што е слабо застапен во нашата земја. На овој начин придонесуваме и за развојот на македонската културна сцена, промовирајќи нови млади креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи во полето на културата и пошироки форми на соработка“, се вели во соопшението за конкурсот.

Право да конкурираат имаат сите граѓан(к)и на Република Северна Македонија на возраст до 30 години.

Стриповите за конкурсот треба да содржат до 6 табли (или страници) и да бидат досега необјавувани. Може да се испратат може да се учествува и со стрипови од една или две страници, но не повеќе од 6.

За најдобрите стрипови предвидени се три награди: од 15, 10 и 5 илјади денари. Најдобро оценетите стрипови ќе бидат објавени во публикација.

„Во текот на јуни ќе организираме и работилница за пишување и цртање стрип, на која ќе можат да се пријават и да присуствуваат сите заинтересирани за учество на конкурсот“, се вели во повикот.

Стриповите треба да се испратат, скенирани, со назнака „За стрип“ по електронска пошта на е-адресата: konkurs@hera.org.mk најдоцна до 2 јуни 2024.