Охридската библиотека објавува конкурс за рецензии и цртежи на ликови од книги на полски автори

По повод месецот на Полската литература, Амбасадата на Република Полска во земјава и НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид објавуваат конкурс за читателите.

За возрасните читатели конкурсот е рецензија на прочитанa книга од полски автор, а за најмладите, децата од 5 до 12 години цртеж на лик од прочитана книга од полски автор (техниката во која ќе биде изработен цртежот е по желба).

Од таму информираат дека во текот на февруари Амбасадата на Библиотеката „Григор Прличев“ во рамките на проектот „Полска на полица“ во февруари ѝ донирала 53 наслови по еден примерок актуелни преводи на книги од полски автори на македонски јазик.

Заинтересираните за конкурсот може да позајмат книга од полски автор, која ќе ја најдат меѓу библиотекарската колекција.

„Охридската библиотека се приклучува кон оваа акција и уште од понеделник сите наслови ќе им стојат на располагање на читателите, а на својата веб и Фејсбук страница библиотеката ќе ги објави сите 53 наслови за читателите да можат да одберат и секој работен ден на Фејсбук страницата на библиотеката ќе бидат споделувани по два наслови од полски автори“, се вели во дописот до медиуми.

Рецензиите (потпишани со име и презиме) треба да се пратат на е-адресата: skopje.amb.sekretariat@msz.gov.pl до 10 јуни 2024 г.

Цртежите потпишани со име, презиме и возраст треба да се предадат библиотеките  до 10 јуни 2024 г.

„Ве молиме да доставите потпишано одобрение за објавување на рецензиите и цртежите на социјалните медиуми, со име и презиме на авторите“, стои во соопштението.

Жирито, велат од библиотеката, ќе ги оцени испратените рецензии и предадените цртежи, а по тројца автори од двете категории со највисоки оцени ќе бидат наградени со книги. За сите учесници следуваат мали сувенири.

Резултатите ќе бидат објавени на 14 јуни 2024 на страниците на Амбасадата и библиотеките.

Конкурсите се дел од проектот „Полска на полица“.