„Стотројка“ со компилацијата „Најубави“ го одбележа 33. роденден

Независното радио „Канал 103“, кое на 1 мај одбележа 33 години постоење, за својот роденден објави компилација „Најубави“ со точно 33 теми од домашни музичари, за да се одбележи идејата за солидарност, музика и другарство на ова култно радио.

Со своето раѓање во 1991 година, „Стотројка“ е постара од државата, со безвременски статус на „искра светлина од мрачните лавиринти на МРТ“. „Стотројка“ стана и феномен без преседан на овие простори, знаејќи дека долги години разни ентузијасти, уметници, водители – работат без финансиски надомест и со DIY пристап.

Во изминатиов период во „Стотројка“ никнаа и нови гласови, нови емисии, за да ја реобновуваат енергијата, а притоа „Стротројка“ продолжува да делува и во поширок општествен контекст, со цел да создава независна културна и креативна средина каде уметниците, медиумските работници, активистите и сите другари заедно ќе растат.

Оваа компилација, која може да се слушне и поддржи преку Бендкемп, е продолжување на таа идеја.

„Нашата роденденска компилација e готова. Овој пат само македонска музика. Многу дебитанти, нови и етаблирани имиња, некои луди псевдоними, рокери кои се втурнаа во електроника, песни од спалната соба, разгледници од нашата музичка дијаспора, а исто така и некои реткости и скапоцени архивски парчиња. Ова беше операција изведена во блицкриг, а сега е време за славење. Многу љубов до сите прекрасни музичари и души кои учествуваа во неа. Тие се најубавите“, стои во инфото за компилацијата.

„Најубави“ е продуцирана од Јоана Ристеска и Ѓорѓи Јаневски. Фотографијата на омотот е на Јелена Белиќ, а дизајнот на Ема Велковска.

Во компилацијата се вклучени теми од Хорот, Elektro Kultura, Македонка, Татар, Адренохром, Cio, Disphilharmonia, Фикрет и Катриџе, КННТ, Vagabundo & Enigma, Crystal Disco, Alex Plant, Кристијан Новковски, Pande Eftimov, Nyctophiliac, Medarski со Kiril, Stoj, Posle!, Силен син, Данчо Саздов, KLO, Gala, Тодор Караколев, Анастасија Кочева, Александар Ордев, Александра и Стефанија, Јоана и Тодор, Митко, Андреј Сивески, Lea Carine, Borjan Gagovski, Папрати, Добрила и ПеткоСтанко.

Бојан Шашевски