Розе кадилак „1000 возења“ – целодневен музички настан во МКЦ

По повод 1000 изданија од култното радио-шоу на „Розе кадилак“ што 25 години се емитува на Канал 103, на 2 април, сабота, ќе се одржи целодневен музички настан во Младинскиот културен центар.

Во 12 часот напладне на платото на МКЦ ќе започне матине дружба со основачите, водителите, соработниците и пријателите на „Розе Кадилак“, каде ќе се преслушуваат најголемите хитови емитувани во 25-годишна историја на емисијата.

Во 21 часот во салата „Фросина“ ќе настапи VOLTAIRE MANI AL HAKIM –  проект на „најозлогласениот скопски акустичен арт-терорист“ Владо Манчевски.

„Овој апокалиптичен експериментатор, познат по својата хипнотичка избувливост и страст, овојпат во придружба на неговиот соработник Hermano Fritz, ќе се претстави со композиции што изобилуваат со меланхолична апокрифна дистанца, варирајќи од инди-рок па сè до некаков етерично ангажиран глобален звучен коктел. Го нарекуваат кантавтор на буката и теророт, човек што ниту сонува ниту е буден, уметник што умее на неодоливо едноставен и едноставно неодолив начин да го отслика современото секојдневие“, објаснуваат организаторите.

Потоа ќе следи и настап на бендот „Ева Браун“, односно Милан Главашки (гитара, вокал), Петар Долинка (гитара, вокал), Горан Васовиќ (бас, вокал) и Љуба Рајиќ (тапани).

„Бендот ги направи своите први демо снимки во 1985 година, а неколку години подоцна, во 1991, и официјално го формираа бендот, поставувајќи го градот Бечеј на регионалната рок мапа. Името на бендот е идеја на фронтменот Горан Васовиќ, а останатите членови едногласно ја прифатиле, и покрај неговата необичност и провокативност. Првиот концерт го одржаа кон крајот на 1991 година во „ДБ Клуб“ во родниот Бечеј. Денешниот состав на бендот е: Горан Васовиќ, Горан Обрадовиќ, Љубомир Рајиќ, Звонко Стојков и Алберт Шерегељ“, се вели во соопштението.

Билетите за настанот чинат 300 денари и се достапни на билетарницата во МКЦ и онлајн.