„Kanton6“ вечерва со концерт ќе го промовира „Jazzus“ во МКЦ

„Добредојдовте во најновата трансформација. Во ова поглавје од епските доживувања, ‘Кантон6’ ќе Ви ја открие вистината за настанокот на џезот и неговата 500.000 годишно постоење како македонска традиционална музика. Авантура која едноставно не смеете да си дозволите да ја пропуштите“.

Вака стои во најавата за вечерашната концерна промоција на третиот албум на „Kanton6“ – „Jazzus“, кој излегува за PMGJAZZ и PMGRecordings.

Промо концертот почнува во 21 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ).

„Освен конечната вистина за Македонија и секако вистината за џезот, ќе имате можност да слушате шармантна електро-етно-џез сонична фрактура, која благо речено, ќе ве инспирира за танц, или можеби територијално проширување. Дојдете на концерт, но побрзајте, билетите се во строго ограничен број на 100“, се вели во најавата за концертот.

Инаку, „Kanton6“ го сочинуваат Владан Дробицки (тромбон), Синиша Евтимов (синтисајзери и звучна манипулација) и Мирко Попов (Машина, реторика).

Во новиот албум гостуваат и Љуомир Стојислављевиќ Кучкар, Валентин Видовиќ, Филип Букршлиев, Благојче Томевски и Павел Дробицки.