Битолската група „ВЕЛ“ утре ќе одржи концерт во МКЦ

„Wire“ за утре (6 мај, петок) со почеток од 22 часот најавува концерт на единствените „ВЕЛ“ од Битола, кој ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје.

Рокенрол составот е формиран во 2019 година, а на концертот „ВЕЛ“ ќе го промовираат својот прв албум „Црнило“.

Дебито е снимено во битолското студио „ОМНИ“ и на него се наоѓаат десет авторски нумери, за кои организаторот вели дека доволно говорат за јасните музички перцепции и смели текстуални идеи на „ВЕЛ“.

„’ВЕЛ е’ музичка група од Битола, која вешто се поигрува со најразлични, современи музички правци, создавајќи притоа музика со модерен и софистициран звук“, соопштуваат од „Wire“.

Групата е соствена од вокал / бас гитара – Томе Спасовски, вокал / втора Гитара – Александар Гулевски, гитара / вокали – Златко З’лте Никодиновски, клавијатури / вокали – Денис Денко Алитовски и на тапани е Сашо Ристето Ристевски.

Инаку, „ВЕЛ“ деновиве е актуелна со спотот за песната „Суд“.