Меморијален концерт во чест на Александар Николовски четврток во Младинскиот културен центар

Во четврток (28 април) со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе се одржи меморијален концерт во чест на Александар Николовски, истакнат македонски музичар кој твореше и настапуваше со повеќе џез состави.

Организаторите велат дека Николовски остави значаен белег во македонската џез музика со својот единствен и препознатлив лиричен звук, и посочуваат дека овој настан претставува можност да се изведе музиката која тој сакаше да ја свири.

„На концертот ќе настапат групите со кои тој создаваше различни форми на џез музика – Next to Silence, Sethstat и FIN Project, како и нивните гости Ади Имери, Сашо Гигов Гиш, Калина Велковска, Петар Христовски, Сенад Усеин, Горан Трајковски, Зарина Првасевда и Иван Петровски. Воедно овој настан ќе биде убава прилика на едно место да се соберат неговите соработници и пријатели, и со музика да се поздрави она што Александар Николовски го остави зад себе“, се посочува во најавата за настанот.

Влезот на концертот е бесплатен, а поради ограничени места за седење неопходно е да се набави билет, кој може да се набави на сајтот на МКЦ на следниов ЛИНК.